Интимно, емотивно, со стари и драги пријатели и колеги на сцената и со по некој личен спомен, Дуке Бојаџиев на концертот во Македонската филхармонија ја потсети публиката на некои од своите најпрепознатливи филмски нумери и ја запозна со дел од песните од новиот албум „Сон верба љубов“.
Дуке успеа во својата оригинална намера и го претвори концертот во речиси двочасовно музичко патување, овозможувајќи ѝ на публиката да ги почувствува сите негови емоции, што на крајот експлодираше во неколкуминутни стоечки овации, и тоа не еднаш, туку двапати, и пред и после бисот.
Сето ова, секако, не би било можно и без, како што ја нарече, „македонската, а светска банда музичари“, која го придружуваше на сцената, вклучувајќи ги и хипнотички убавиот глас на актерката Наташа Петровиќ и Тијана Дапчевиќ во едно моќно и сериозно вокално издание.
Со Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас и со Костас Анастасијадис на тапани, дополнети со жичен квартет, Дуке мешаше музички стилови, но никогаш не излезе од границите на едно интимно доживување.
Г. КОНЕВ