ДВЕ ГОДИНИ НЕМА ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ОТИ НЕ Е ДОВРШЕНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКА БОЛНИЦА

    ДВЕ ГОДИНИ НЕМА ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ОТИ НЕ Е ДОВРШЕНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКА БОЛНИЦАЦентарот за изгореници беше отворен во 2000 година, со донација од владата на Јапонија (Фото: М. Златевска)

    Центарот за изгореници во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, или поранешна Градска болница, не работи повеќе од две години, бидејќи реконструкцијата на болницата која почна во 2016 остана недовршена. Овој центар беше единственото место во земјава каде во соодветни услови се третираа пациенти со тешки изгореници.

    Центарот има посебен влез, за да не се мешаат овие пациенти со останатите и да може во стерилни услови да се лекуваат. Но, по почнувањето на градежните работи пред две години, тој е затворен. Од „Св. Наум Охридски“ велат дека тогаш на првиот кат биле преместени и одделот за пластика и детскиот оддел, кои исто така беа сместени на третиот кат од болницата.

    „За жал, Центарот за изгореници не работи. Одделот за пластична хирургија и детското одделение се префрлени долу, во рамки на другите одделенија, и сега имаме помалку кревети за прием на овие пациенти. Почната е реконструкцијата од третиот кат, направено е окното за нов надворешен лифт, со кој директно требаше да се пренесуваат пациентите до Центарот за изгореници и да немаат допир со останатите пациенти. Но, толку. Окно за лифт има, но лифт нема. Градежните работи таму се завршени, но не се поврзани инсталациите. На пример, не е поврзан системот за довод и одвод на вода со водоводната мрежа во болницата“, вели д-р Иван Спировски, директор на „Св. Наум Охридски“.

    Окното за новиот надворешен лифт е изградено, но лифт нема, иако според најавите реконструкцијата требало да заврши лани во април (Фото: М. Златевска)

    Тој кажа дека лани кога бил именуван за директор на Градска, реконструкцијата била запрена и недовршена.

    „Планот бил за да се изведе успешно обновата да се исели целата болница, но тоа не се случи“, вели д-р Спировски.

    Целосната реконструкција на болницата ја најавија поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кои кажаа дека таа ќе почне во септември 2016 и ќе заврши во април 2017 и ќе чини 2,3 милиони евра.

    „Колку и како е плаќано за реконструкција на болницата не можам да кажам, бидејќи тој проект е воден преку Министерството за здравство“, вели д-р Спировски.

    Центарот за изгореници беше отворен во 2000 година за третман на пациенти со тешки и длабоки изгореници за целата земја. Тој беше опремен со хируршка сала и специјални водени кревети и имаше посебен влез со што беше одвоен од другите пациенти и беа обезбедени соодветни стерилни услови. Центарот беше изграден со донација од владата на Јапонија.

    Но, и пред да почне реконструкцијата на болницата во 2016, на неколку наврати во претходните години имаше проблеми во функционирањето на Центарот, бидејќи специјалните водени кревети беа во дефект, па пациентите беа оставани на обични кревети, каде самиот допир со чаршавите им предизвикуваше дополнителна болка.

    „СВ.НАУМ ОХРИДСКИ“ ЌЕ ЈА СЕЛИМЕ ВО „МАЈЧИН ДОМ“, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    Од Министерството за здравство велат дека довршување на стариот проект за реконструкцијата или нова реконструкција на „Св. Наум Охридски“ нема да има.

    Венко Филипче, министер за здравство, вели дека планираат Градска болница да ја дислоцираат во ортопедската болница „Мајчин дом“ во Аеродром и дека во моментов работат на собирање на потребната документација.

    „Со надградба на ортопедската болница „Мајчин дом“ во Аеродром ќе се обезбеди доволно простор за да се пресели цела Градска болница“, вели министерот за здравство Венко Филипче (Фото: М. Златевска)

    „Оваа болница е многу стара и руинирана и што и да се поправа таму нема да има долгорочен ефект. Поправки и помали реконструкции ќе направиме за да функционира болницата, додека се реализира проектот за дислокација. Планираме да надградиме нагоре уште 4-5 ката над сегашната болница ‘Мајчин дом’ и таму целосно да ја префрлиме ‘Св. Наум Охридски’. Така ќе добиеме уште 20-30 отсто поголем капацитет за прием на пациенти. Со тоа ќе се намали и притисокот кон Клиниките, бидејќи заедно со ‘8 Септември’ ќе прифаќаат значителен број од пациентите“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира