ВО ТОПААНСКО НЕ ЈА САКААТ ВРТЕЛЕШКАТА ОД „СКОПЈЕ 2014“, ШИЛЕГОВ БАРА НОВА ЛОКАЦИЈА

    ВО ТОПААНСКО НЕ ЈА САКААТ ВРТЕЛЕШКАТА ОД „СКОПЈЕ 2014“, ШИЛЕГОВ БАРА НОВА ЛОКАЦИЈАГрадоначалникот Петре Шилегов вели дека имаат проблем бидејќи на локацијата во населбата Топаaнско поле граѓаните не сакале да им се стави вртелешка и затоа досега тие не се преместени.(Фото: М.Златевска)

    Жителите на скопската населба Топаанско Поле не ја сакаат вртелешката од проектот „Скопје 2014“ која што поранешниот градоначалник Коце Трајановски ја постави на кејот на Вардар кај Министерството за надворешни работи.

    Градоначалникот Петре Шилегов во јануари најави дека вртелешките ќе се тргнат бидејќи првата на плоштадот Македонија е поставена на несоодветна локација односно го блокира кејот на Вардар, а на втората пред МНР нема доволно посетите. Тогаш беше најавено дека реквизитите ќе се носат во општините Аеродром и Чаир, но оттогаш поминаа 4 месеци а тие уште го блокираат кејот и не се отстранети.

    Градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека имаат проблем бидејќи на локацијата во населбата Топаанско поле граѓаните не сакале да им се стави вртелешка и затоа досега тие не се преместени.

    „До крајот на мај ќе се отстрани вртелешката и другите реквизити кои се наоѓаат на кејот на Вардар на плоштадот Македонија. Тие ќе се однесат во населбата Ново Лисиче. За втората вртелешка од кај МНР уште бараме локација оти граѓаните од Топаанско Поле каде планиравме да ја ставиме се противеа на оваа наша идеја. Сега заедно со ЈП‘Паркови и зеленило‘ бараме друга локација во општина Чаир“, вели градоначалникот Шилегов.

    Првата вртелешка на плоштад Македонија беше поставена во 2013 година. За да се вклопи во проектот „Скопје 2014“ за неа беше изградена и барокна билетара. Чинеше околу 160.000 евра, а ја набави ЈП „Паркови зеленило“ со пари кои му беа префрлени од буџетот на Град Скопје. Во 2017 година овој реквизит има остварено приход од 2.393.990 денари. Трошоците за плати и придонеси на месечно ниво за вработените на овој реквизит изнесуваат 150.000 денари.

    Втората вртелешка пред барокната зграда на МНР односно на плоштадот Пресвета Богородица беше поставена лани во јули иако првично од ЈП „Паркови и зеленило“ велеа дека ќе стои на плоштадот Филип Втори. Таа е поскапа од првата и за неа Град Скопје потроши 187.000 евра, но не е ставена целосно во употреба, како што објаснуваат од Град Скопје бидејќи сè уште не се отстранети одредени недостатоци кои се посочени на носителот на набавката, односно не можел да се поврзе на струја. Поради тоа, овој реквизит има работено само 7 дена, период за кој се остварени приходи од вкупно 350 денари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира