ЦИПРАС СЕ СОГЛАСИЛ СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА, КОЅИЈАС БИЛ ПРОТИВ, АНАЛИЗИРААТ ГРЧКИТЕ МЕДИУМИ

    ЦИПРАС СЕ СОГЛАСИЛ СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА, КОЅИЈАС БИЛ ПРОТИВ, АНАЛИЗИРААТ ГРЧКИТЕ МЕДИУМИСе очекува двајцата премиери да се сретнат повторно во наредните недели. - Заев и Ципрас на вчерашната средба во Софија на маргините ЕУ-Западен Балкан (Фото: СДК.МК)

    Грчките медиуми го анализираат предлогот „Република Илинденска Македонија“ за решение за спорот за името, откако по вчерашната средба во Софија на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, Заев кажа дека утврдиле една опција што може да биде прифатлива за двете страни.

    Се верува дека грчкиот премиер Алексис Ципрас има позитивно мислење за предлогот, се вели во анализата на „Катимерини“, но предлогот бил одбиен од министерот за надворешни работи Никос Коѕијас.

    Заев сега треба да ги информира претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предлогот, а изворот на грчкиот весник вели дека опозициската партија нема да се противи.

    „Ова име е врзано за нашата историја е се смета дека ќе биде лесно прифатливо за општеството и да се имплементира ’ерга омнес, а не се однесува на античка, туку на модерна Македонија. Дури и националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ нема да биде против“, вели изворот на „Катимерини“.

    Според истиот извор, за предлогот се информирани ЕУ и САД.

    Според владини извори на грчкото издание на „Си-Ен-Ен“, предуслов за договор е името да важи „ерга омнес“ и да биде вметнато во уставот.

    „Целта ни е да дојдеме до решение до јуни. Или ќе се договориме за сè или за ништо“, кажа вчера Ципрас по средбата со Заев во Софија.

    Се очекува двајцата премиери да се сретнат повторно во наредните недели.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира