Избеганите Горан Грујевски, ексначалник на Петтата управа во МВР, и вработениот во УБК Никола Бошковски да не бидат екстрадирани во Македонија, одлучил предмалку Врховниот суд на Грција. Како што јавува дописникот на МИА, тие денеска ќе бидат пуштени од затвор.
За екстрадицијата на крајот одлучува грчкиот министер за правда.
Пред грчките судови двајцата имаат постапка за фалсификување на пасоши, бидејќи на аеродромот во Солун беа фатени во обид да летнат во Унгарија, откако претходно избегаа од Македонија. Грујевски и Бошковски имаат отворено и друга постапка за барање азил во Грција и таа не е завршена.
Судијката Џенета Бегтовиќ пред три дена судењето за „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување го оложи за 19 јуни годинава. Грујевски и Бошковски се првообвинети во овој случај, заедно со Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и други од УБК. Се одложува и случајот на СЈО „Финзи“, за нелегалната набавка на британската опрема за прислушување, заради отсуството на обвинетиот Грујевски.
Тој веќе е осуден за случајот „Тврдина 2“.