Принцот Хари и Меган Маркл се погледнаа во очи и се заколнаа на вечна љубов, откако се венчаа во капелата Сент Џорџ во замокот Виндзор пред стотици гости, вклучувајќи и славни личности, но и пред милиони гледачи низ целиот свет.
Принцот Чарлс до олтарот ја отпрати сега веќе поранешната американска актерка, која носеше бел фустан од британската дизајнерка Клер Вајт Келер, што беше најчуваната тајна во светот на модата изминативе месеци.
Хари и неговиот брат и кум Вилијам беа облечени во црни формални воени униформи и бели ракавици.
„Изгледаш неверојатно“, ѝ кажа Хари на Меган кога се споија пред олтарот.
И листата гости се чуваше во тајност, па на свадбата на годината пристигнаа Опра Винфри, Серена Вилијамс, Џорџ и Амал Клуни, актерите Том Харди, Идрис Елба и Кери Малиган, Дејвид и Викторија Бекам, Елтон Џон, Џос Стоун…, додека пред капелата, новата кралска двојка беше пречекана и поздравена од стотици „обични“ луѓе, кои добија покана за свадбата.
Свадбата, која, според проценките на британските медиуми, чинела еден милион фунти, беше глобален настан, што се должи и на американското потекло и на популарноста на Меган Маркл, која седум години беше една од ѕвездите на серијата „Одела“.
По церемонијата во капелата, Хари и Меган заминаа на 25-минутно возење со кочија низ улиците на Виндзор.