Обвинетиот Зоран Заев за кривично дело барање ветување за подарок се ослободува од обвинение, одлучи судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје 1. Ослободителната пресуда во случајот „Поткуп“ беше очекувана, бидејќи посебните истражни мерки (видео-снимките и телефонските разговори) отпаднаа, писмената документација за постапката за приватизацијата на земјиштето е во ред, остана само исказот на струмичкиот бизнисмен Иван Николов против исказот на обвинетиот премиер Зоран Заев.
ПИ мерките отпаднаа на минатото рочиште, откако обвинителката за организиран криминал Валентина Бислимовска го преиначи обвинението во обвинителен предлог. Делото барање поткуп во обвинителниот акт претпоставуваше затворска казна од најмалку 5 години. Обвинителниот предлог, кој беше преиначен во барање ветување за подарок, претпоставува од една до пет години затвор. ПИ мерките станаа непотребни и неиздржливи за обвинителниот предлог, рече Бислимовска и предложи да се преиначи делото.
Преиначувањето се случи бидејќи од досегашните докази, како што рече обвинителката Бислимовска, произлезе дека обвинетиот не зел ни евро поткуп, а постапката на сведокот Николов за приватизацијата на градежното земјиште за кое бил заинтересиран, си течела во општина Струмица, според сите важечки законски прописи. Заев беше обвинет дека од регуларната цена што требало да ја плати Николов по 70 денари од метар квадратен, барал дополнително да плати по евро за квадрат за црквата во градба и по евро за квадрат, за него, а кој дел требало да го даде во менувачницата „Пеон“ на брат му Вице Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА