Руска маркетинг агенција се понудила со лажни рецензии да им помогне на ресторани од градовите-домаќини на Светското фудбалско првенство да го кренат својот рејтинг на сајтот „Трипадвајзор“, призна сопственикот на агенцијата.
Агенцијата „Бејкон“ кажа дека може да го заобиколи алгоритамот на „Трипадвајзор“ за откривање лажни објави и да објавува рецензии на странски јазици во пресрет на напливот на странски навивачи во Русија.
„Што да направите ако Срби и Швеѓани никогаш не биле во вашето место, а оставиле рецензија? Ќе си ја напишете сами“, се вели во брошурата што ја добил ресторан во Екатеринбург.
За надомест од 35.000 рубли (570 долари), агенцијата ветува место во топ-10 на „Трипадвајзор“.
„Ви нудиме помош туристите да ве пронајдат и да остават пари токму кај вас“, пишува во брошурата.
Агенцијата потврди за „Ројтерс“ дека нудела вакви услуги, но дека само сакала да биде посредник помеѓу ресторани и оние кои пишуваат лажни рецензии.
„Ние разбираме дека ова е незаконски според правилата на ‘Трипадвајзор‘, но гледаме дека има голема побарувачка. Ние не сме лоши момци“, вели директорот на „Бејкон“, Роман Балданов, додавајќи дека сѐ уште никој не ја прифатил нивната понуда.