Битолчанецот Стојан Ристевски, кој цели 42 години работи во РЕК „Битола”, досега ги возел сите 48 генерални директори на овој електро-енергетски стожер.
За САКАМДАКАЖАМ.МК возачот раскажува како ги возел првиот директор Видо Денковски, па Никола Грашевски, Цане Гроздановски, Ивица Бошевски, Јован Андоновски-Реган, Мирко Ристевски и други.
„Со директорите немав никогаш проблем. Го возев и Реган, принуден управник, кога падна косиот мост во РЕК. Кај сите можев слободно да влезам, освен кај еден од директорите пред неколку години, кога ми велеше дека можам да влезам само ако партискиот штаб каже така”, рече Ристевски.
Ги возел директорите низ цела поранешна Југославија, а и низ рудниците во РЕК.
„Нема возило и механизација во РЕК што не знам да го возам. Сум возел автомобили, комбиња, автобуси, камиони, багери, дигалки. Во зима да возите во рудник е многу тешко. Кога ќе падне сињак не се гледа на половина метар. Мора да оди некој од вработените пред возилото, за да возите по него”, вели Ристевски.
Тој има стаж за во пензија, но сѐ уште нема старост, па продолжува да работи во комбинатот. Денес, на него и на рударот Љупчо Василевски како најстари вработени, директорот на ЕЛЕМ Драги Миновски и директорот на РЕК Васко Ковачевски, им дадоа плакети и пригодни подароци.
Ж. ЗДРАВКОВСКА