ВО „МЕЦО-ФОРТЕ“, ПРВОТО КАФУЛЕ ВО ОХРИДСКАТА ЧАРШИЈА, КЕЛНЕРИ БЕА ДОКТОРИ И АДВОКАТИ

    ВО „МЕЦО-ФОРТЕ“, ПРВОТО КАФУЛЕ ВО ОХРИДСКАТА ЧАРШИЈА, КЕЛНЕРИ БЕА ДОКТОРИ И АДВОКАТИПратеникот Томислав Тунтев пред три години беше дел од екипата фанови на „Мецо-форте“ што последен пат се собра на журка во кафулето

    Охридски бренд во угостителството остана кафулето „Мецо-форте” во кое келнери беа доктори, адвокати, инженери кои со кафе и пијалоци ја служеа балканската елита од политиката, естрадата, филмот и театарот. Формиран беше во 1998 на денот на охридски светител, а згасна пред две години.

    Ова кафуле беше сместено во строгиот центар на Охрид кај градскиот плоштад, веднаш до летната тераса позната како „Под муренката“. Се отвори во 1988, кога двајцата браќа Игор Кичеец и Сашо Кичеец, сега покоен, решија братски да отворат кафуле кое ќе се разликува од неколкуте други во тоа време, во објект ко беше сопственост на семејството Кичеец. Тоа беше и прво кафуле во Охридската чаршија.

    „Мецо-форте“ беше сместено во строгиот центар на Охрид кај градскиот плоштад, веднаш до летната тераса позната како „Под муренката“

    „’Мецо-форте’ го формиравме  јас и брат ми Сашо, кој за жал почина. Имавме намера да создадеме еден простор кој ќе биде поразличен од неколкуте кафулиња кои тогаш за првпат се отворија во Охрид .Имавме другари кои одлично ги познаваа музичките трендови во тоа време и тие ја пуштаа музиката во кафулето, Имавме посебни врсти пијалаци кои тогаш се служеа во европските метрополи. Со еден збор, направивме место кое беше поразлично од тогашните култни места во кои се собираа младите, а охридскиот еснаф, интелектуалци, уметници, музичари, првото утринско кафе го пиеја во ‘Мецо-форте’. Наш чест гостин беше и познатиот урбан лик во Охрид кој сега живее во Скопје, мојот другар Оливер Љуше“, се присеќа Игор Кичеец, познат охридски адвокат.

    „Мецо-форте“ во 1990-те, најубавите години на кафулето

    „Мецо-форте” беше специфично и по пресоналот кој ги служеше гостите. Келнери или зад шанкот беа адвокати, лекари, инженери. Тука работеше познатата скопска адвокатка Наташа Трпеноска, надежниот охридски лекар кој за жал почина млад Кире Трпеноски, докторот на науки и сега пратеник Томислав Тунтев, неговиот брат, професорот Зоран Тунтев, најуспешниот продавач на „волво” автомобилите Игор Јовановски кој сега живее во Гетеборг, и многу друго познати имиња кои потекнуваат од Охрид.

    „Посетители на Охрид, покрај еснафот охридски, беа личности од џет-сетот на Балканот. Тука пиеше кафе Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, албанскиот премиер Фатос Нано, претставници на амбасадата на САД во Скопје. Имавме чест да ги услужиме и бардот на некогашното југословенско глумиште Ѓуза Стоиљковиќ, потоа Воја Брајовиќ, Цветозар Цветковиќ, Предраг Ејдус, Мустафа Надаревиќ, Милка Подруг Кокотовиќ. Интересно беше дека во кафулето доаѓаа и познати  музички имиња, Каролина Гочева, Зорица Конџа, сестрите Баруџија”, вели тогашниот менаџер во „Мецо–форте“ Александра Илиќ од Ниш, која сега е раководител на Туристичката агенција за регионот на Западна Србија. Таа во Охрид студираше туризам.

    „Наш чест гостин беше и познатиот урбан лик во Охрид кој сега живее во Скопје, мојот другар Оливер Љуше (десно)“, се присеќа Игор Кичеец, познат охридски адвокат

    „Добро се сеќавам на еден интерсен момент во „Мецо-форте’, кој  говори   колку во светот се цени нашата изворна музика. На Зорица Конџа  во кафулето ѝ пуштивме далматински песни. Таа повика еден од напите вработени и го замоли да пушти музика од охридските чалгаџии. Уживаше во таа музика. Кога во Охрид беше Ѓуза Стоиљковиќ, тој нѐ замоли да го однесеме на гробот на неговиот дедо кој се наоѓа во Македонија. Му ја исполнивме и таа желба”, кажува Игор Кичеец.

    Од „Мецо-форте“ остана куќата каде што се организираа луди забави, се раѓаа нови пријателства, љубови. Остана и еден спомен што со себе го носат многумина охриѓани, но и гостите од целиот Балкан.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира