Македонскиот претставник на 16. Биенале на архитектура во Венеција „Ослободување на просторот“ вчера беше официјално претставен и предизивика голем интерес кај публиката, велат од Музејот на современа уметност (МСУ), кој е носител на проектот.
Архитектонската смотра за посетители се отвора денеска, а ќе трае до 25 ноември. Павилјоните на земјите учеснички, како и секоја година, беа отворени изминативе денови за новинарите и за жирито.
Темата на годинашната меѓународна архитектонска смотра е Слободен простор, зададена од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара.
Македонскиот проект се состои од четири објекти кои претрпеа коренити промени со проектот „Скопје 2014“. Комесар на проектот е кустосот-советник во МСУ Зоран Петровски, а куратори се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.
Автори на проектот, покрај Слободан и Марија Велевски, се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија ла Џуса, Алесандро де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски и Александра Шулевска.
Според Слободан Велевски, содржината на проектот ја поставиле врз 3 клучни тези.
„Првата е дека ‘Скопје 2014 година’ не е архитектонски проект, бидејќи во себе ја нема логиката на архитектонската професија, да создава јасна просторна композиција врз која се развива современиот наратив на градот и урбаното живеење. Втора теза е дека неговата единствена вредност е дека тој постои и како таков влијае на контекстот на градот. Трето, сметаме дека современиот градски простор се темели на важноста на тој заеднички простор во кој се споделуваат различните потреби на луѓето кои живеат заедно“, вели Велевски.
Врз основа на тие тези, избрале 4 дистинктивни просторни асамблажи вткаени во архитектонската и колективната меморија на градот: платото на Македонската опера и балет (МОБ) и кејот на Вардар, објектот на Владата на Македонија, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и Стоковната куќа на Плоштад Македонија.
Тимот од МСУ најавува дека „Ослободување на просторот“ ќе биде изложен во Скопје на почетокот на 2019.
Б. НЕСТОРОСКА