Двајца полицајци и еден случаен минувач се убиени во вооружен напад во центарот на белгискиот град Лиеж.
Напаѓачот потоа зел една жена за заложник, пред да биде убиен од полицијата. Тој ги избол полицајците со нож, по што им го одзел оружјето, со кое потоа убил 22-годишен маж.
Мотивите на нападот засега не се познати, но властите не ја отфрлуваат можноста дека станува збор за тероризам. Полицијата кажа за локалните медиуми дека напаѓачот извикувал „Господ е голем“.
Министерот за внатрешни работи Јан Јамбон изјави дека нападот го испитува и државниот антитерористички кризен центар. Во нападот се повредени уште двајца полицајци.
„Постојат елементи кои укажуваат дека ова е терористички чин“, изјавија од канцеларијата на јавниот обвинител на Белгија.