Промена на трасата на гасоводот што треба да минува низ парк-шумата Водно, кое го бараат повеќе еколошки здруженија и инцијативи, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ќе ја одложи изградбата на гасоводот за 3-5 години, и поради тоа смета дека треба да се вложат сите средства уништувањето на зеленилото да се сведе на минимум, а потоа се што ќе биде уништено да се санира и да се надомести со ново зеленило.
„Сметам дека е потребно да се изнајдат сите средства максимално да се заштити зеленилото и шумата на Водно. Со интервенции во самата траса на градење е направено да се минимизира уништувањето на шумата Водно и ќе биде минимизирано оштетувањето, а Владата ќе биде ригорозна во компензација на се што ќе биде уништено. Јас лично ќе бидам поборник на тоа за секое исечено дрво да се засадат најмалце десет и мислам дека решението треба да го бараме во тој правец. При секој инфраструктурен проект се што ќе биде уништено во животната средина треба биде многукратно надополнето од инвеститорите во тој процес“, кажа Анѓушев.
Тој рече дека и да се промени трасата на гасоводот, повторно ќе има ситуација во која ќе треба да се уништи дел од некоја природна убавина, бидејќи нема градење на каков било инфраструктурен проект, кој нема да влијае на животната средина.
„Многу е важно да се почитуваат обврските од еколошките елаборати и многу е важно да се биде одговорен кон граѓаните и општеството. Тоа значи дека сè што ќе уништите да го санирате и да го надоместите, а како компензација што ќе го направите на друго место, на блиско место или на ако е возможно на самото место да го санирате со насади на зеленило“, рече Анѓушев.
Со соопштение до јавноста граѓанските иницијативи „Го сакам Водно“, „О2 коалиција“, „Зелено Тафталиџе“, „Стоп на загадувањето“, „ЕкоКарпош 3,2,1,“, „Спас на Водно“, „Ние сме Карпош 4“, „Скопје смог-аларм“ и „Сакаме Аеродром да дише“ вчера излегоа со соопштение дека може да се уништат 25 хектари шума на Водно доколку се гради гасоводот на планираната траса. Екологистите кажаа дека се против изградба на гасоводот по оваа траса на водно и сметаат дека северната траси за гасоводот, што би минувала покрај скопската обиколница, а кои се разгледувани со физибилити студијата од 2010 година се подобро решение. Тие најавија дека ако е потребно Водно ќе го бранат и со протести.
Трасата на гасоводот е предвидени да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево.