Денешното рочиште за предметот на СЈО „Титаник“ беше одложено бидејќи во судницата во Основниот суд Скопје 1 не дојде обвинетата ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска поради здравствени проблеми. Одбраната приложи лекарска документација за отворено боледување за Јанкулоска, за која во предметот „Тенк“ се води издвоена постапка поради ризична бременост, но за „Титаник“ досега не е побарано издвојување. Судењето за „Титаник“ треба да продолжи на 3 јули.
Покрај Јанкулоска, обвинети од СЈО во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година се: Никола Груевски, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
А. АНТЕВСКА