Францускиот дипломат и писател Емануел Рембер и новинарот и историчар Емануел Ешт придружувани од планинарскиот водич Петар Нолев со магаре и мазга во недела ќе појдат по патот на борците на Македонскиот фронт од 1916 година. Ќе поминат 240 километри пеш од Битола до Солун. Тоа ќе бидат 12 дена низ рововите останати од Првата светска војна, по стапките на шкотскиот писател и патеписец Роберт Луис Стивенсон и под инспирација на поезијата од Френсис Џејмс. Патниците ќе водат дневник во кој ќе ги опишат најсилните мигови, доживувања и историски случки по патеката.
Овој настан наречен Марш во знак на сеќавањата е дел од научниот симпозиум „Стогодишнина од Македонскиот фронт“ што деновиве се одржува во Битола. На него се презентираат научни трудови посветени на страдањата на цивилното население на местата каде што минувал фронтот.
„Историската меморија на овој настан е потиснат од настаните на Втората светска војна и националното прашање кое е во фокусот на интересот на нашата историографија. Од шеесеттите години, па наваму во македонската историографија се напишани само десетина трудови кои се однесуваат на Првата светска војна и кога тоа би се споредило со тоа што е напишано за Првата светска војна, занемарливо е. Така е и покрај катастрофите кои ги доживеаја Битола, Дојран, Гевгелија, Струмица каде имаше големи разурнувања и многу цивилни жртви“, рече историчарот Драѓи Ѓорѓиев, Директор на Институтот за национална историја.
По катастрофата што Битола ја доживеала во Првата светска војна беше наречена град страдалник. По францускиот град Верден на Западниот фронт, најбомбардиран град бил Битола на Македонскиот фронт. Биле убиени 4.224 цивили, од кои голем број жени и деца, 545 ранети, 647 згради и 216 куќи уништени, 873 згради и 119 куќи оштетени, 845 запалени куќи.
„Се користеле запаливи гранати кои не биле вообичаено да се употребуваат за дејствување во жива сила, туку јасна намера била да се уриваат градбите. Цивилното население било и жртва на бомбардирање со гранати кои содржеле хемиски отрови, гасови. Непријателите намерно ги пуштале ноќе, па кутрите жители биле изненадени за време на спиењето и не можеле да се спасат. Оние кои успеале да се спасат велеле дека гасовите мирисаат помалку на горчлив бадем. Се претпоставува дека тоа било цијанидна киселина. Задушливите гасови се користеле за да се убиваат непријателските војници. Но, тие носеле заштитни маски. Во Битола не починал ни еден војник од вдишување на гасови, напротив граѓанските жртви биле многубројни“, рече Александар Стојчев, директор на Воено-историскиот музеј на Македонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА