Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека мандатот за составување влада ќе му го даде на победникот на вчерашните парламентарни избори, Словенечка демократска партија на Јанез Јанша, иако таа тешко ќе успее да пронајде коалициони партнери поради својата тврда антиимигрантска политика.
СДС освои 25% од гласовите, двојно повеќе од Листата на Марјан Шарец (ЛМШ), чиј лидер кажа дека би седнал на кафе со Јанша, но само за да му повтори дека нема намера да коалицира со него.
Извонредниот успех на четири години старата партија ЛМШ го исфрла во прв план човекот кој за осум години бележи константен подем на политичката сцена.
Триесет и деветгодишниот Шарец сѐ уште работеше како комичар и сатиричар кога во 2010 година победи на локалните избори во Камник и стана градоначалник, повторувајќи го овој успех и четири години подоцна, но сега како лидер на своја партија.
Минатата година, Шарец го предизвика Борут Пахор на претседателските избори и иако ја немаше наклонетоста на медиумите, кои не го сметаа за сериозен кандидат, освои 25% од гласовите во првиот круг и потоа тесно загуби во вториот.
Шарец вчера и официјално стана политички фактор во државата, откако на своите први парламентарни избори заврши како втор и, како што вели, неговата главна цел е да не му дозволи на Јанша да формира влада.
„Многу сум среќен со изборните резултати. Ова ни дава можност да се врземе со други партии, за да го исфрлиме Јанша од игра. Неговата антиимигрантска реторика во кампањата ги помина сите граници“, изјави Шарец.