Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница не го усвои Годишниот извештај за работата на Судскиот совет (СС) за 2017 година.
Против гласаа седум , а еден пратеник беше „за“.
На седницата не присуствуваше претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски. Извештајот го бранеше генералниот секретар на Советот Анита Андоновска.
Пратеничката на СДСМ Анета Симевска Димовска рече дека извештајот за работата на Судскиот совет за 2017 година е површен, нема суштина и дека во него нема ниту еден збор за можната злоупотреба со распределбата на судските предмети во кривичниот суд и зошто не бил контролиран АКМИС системот за распределба на судски предмети.
„Лицемерно е да зборувате за непристрасно и објективно работење, кога сведоци сме да партиското влијание во изминатите 10 години во оваа институција“, рече пратеничката на СДСМ Анета Симевска Димовска.
Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека врши притисок врз судската власт, а како пример го посочи поставувањето на премиерот Зоран Заев да раководи со телото за судски реформи.
Генералниот секретар на Судскиот совет Анета Андоновска не одговори на прашањата на пратениците.Таа само го прочита извештајот, посочувајќи дека Советот во 2017 година повел постапка против седуммина судии за нестручно и несовесно вршење на функцијата и дека во 2018 година ќе се поддржат судии во ситуации кога е загрозен нивниот идентитет.
Претседателот на Судски совет Зоран Караџоски, иако уредно поканет, не дојде на седницата.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илијоски и Ане Лашкоска пред почетокот на седницата, побараа да се одложи расправата за работата на Судскиот совет, бидејќи не присуствува овластен претставник.
Претседателот на комисијата, пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски, рече дека неколку пати го барал Караџоски, но не добил одговор дали ќе присуствува на седницата.
„На претходната седница беше присутен генералниот секретар на Судскиот совет кој е компетентен да го брани извештајот, но тогаш мнозинството не прифати тој да зборува бидејќи не бил достоен, туку требало да дојде претседателот на советот. Вие сте неконзистентен, сега барате да дојде претставник и сакате да работите без претставник“, рече Лашкоска.
Кирацоски ја прифати забелешката на Лашкоска и рече дека ако некоја институција континуирано ја бојкотира работата на Собранието, тогаш тоа ќе биде блокирано, а за понатаму рече се размислува да се направи нешто да се воведат санкции ако некоја институција не присуствува. Тој пак по телефон го побара Караџовски, но, од Судскиот совет му одговориле дека наместо Караџоски, на седницата ќе дојде генералниот секретар на Судскиот совет.
Г. ТРПЕНОСКИ