Четворица млади архитекти од Скопје, Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски со проектот „Ничија земја“ ќе ја претстават Македонија на годинашното Биенале за архитектура во Венеција. Петнаесеттото издание на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво се отвара денеска и ќе трае до 27 ноември. Македонскиот павиљон е сместен во Артиљерие, дел на старата оружарница Арсенале.
Архитектите кои се дел од тимот на студиото „Стоун дизајн од Скопје“ повеќе месеци работеа на темата „Миграција“.
Тие проектот го подготвуваа во скопската фабрика „Раде Кончар“. Создадоа комплексен, масивен тунел, долг 15 метри. Завиен е како чаура, а кога ќе влезете не го гледате излезот. Обложен е со метален инокс. Почнува со височина од 2,2 метра, на средината достигнува 3,5 метри, па пак се спушта до 2,2 метра. Внатре има три иконични објекти од познати светски автори и неколку современи авторски објекти. Сите се со боја на песок.
Стојан Павлески вели дека темата „Миграција“ не се однесува само на актуелната состојба со Сирија и бегалците кон Европа. „Размислувавме за присилната, економската, миграцијата во секој поглед. Се обидуваме да посочиме дека архитектот може да одговори на некои општествени прашања, да наметне свое мислење и да понуди решение“, вели Павлески и го опишува проектот како град кој тие го нудат какио опција. „Тоа е замислен град, фикција. Целта на темата е да се направи паралела меѓу јавното и приватното, како се гледа архитектот денес, во ова пребрзо време на живеење“, вели архитектот Павлески.
Комесар на македонското претставување е Иванка Апостолова, соработници на проектот се Влатко Чавкоски, Натали Павлеска и Ристо Кокалановски, а советници се Јован Шумковски и Станко Павлески.
На годинашното Биенале, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата. Тој ја зададе и главната тема на биеналето – Извештај од фронтот, на која требаше да одговорат сите учесници.
–