Новото раководство на Народниот театар од Битола годинава ќе го одржи „Битола Шекпсир фестивалот“, иако како проект пред шест години го започна претходното раководство и беше една од носечките манифестации на културното лето „Бит фест“ кое го организираше ексградоначалникот Владимир Талески. На отворањето на фестивалот редовно доаѓаше и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа- Милевска.
Годинава од 23 до 30 јуни ќе се одржи шестото издание на фестивалот, а новото раководство вели дека паметна идеја е да продолжи традицијата.
„’Битола Шекспир фестивалот’ веќе неколку години е член на Асоцијацијата на европски Шекспир фестивали и е високо позициониран на европската мапа на фестивали. Како театар кој има поставено најмногу дела од Шекспир во Македонија и театар кој единствен од земјава гостувал во ‘Глоуб’ во Лондон, сметавме дека е паметна идеја да се продолжи традицијата“, рече Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола.
За осум дена ќе има 12 претстави на театари од Хрватска Унгарија, Романија, Казахстан, Турција, Црна Гора и од други држави. На 29 јуни „Краков сингрс“ од Полска придружуван од големиот уметник Станислав Сојка ќе одржат концерт на кој ќе ги испеат сонетите на Шекспир.
Во годишнешната програма го нема театарот „Лит мун“ од Санта Барбара, ни режисерот Џон Блондел од САД, кои редовно учестуваа со проекти.
„Соработката со нив може да продолжи, но оваа година не ни пријавија некаква претстава со која би дошле на фестивалот“, рече Јерчиќ.
На сцена нема да го видиме ни актерот Владимир Талески, поранешен градоначалник кој е познат и по тоа што порано ја одиграл насловната ролја во „Хамлет“ од Шекспир. По градоначалствувањето, работи во Театарот, но сѐ уште не добил улога.
„Владимир Талески е вработен во нашаиот театар, законски беше да го вдомиме. Моментално нема никаков ангажман. Ангажманите во нашиот театар зависат од кастингот што ќе го направи режисерот на претставата. Многу од актерите во Битолскиот театар кога не се во кастинг, не доаѓаат на работа“, рече Јерчиќ.
Запрашан дали Талески бара отсуства за на судење, одговори дека не побарал.
„Кај нас е пракса актерите кои заминуваат на подолго време да побараат некакво отсуство, претпоставувам дека само еден ден е отсустен“, рече Јерчиќ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА