Како што започна летната сезона, така и небото над Охрид секојдневно го шараат параглајдери. Во тендем со македонски пилоти летаат странски туристи кои повеќе сакаат да го видат Охридското езеро отколку да се капат во него. Вака ќе биде до крајот на летото.
Летачи се врвни инструктори по параглајдинг од клубот “Вертиго”од Скопје. Параглајдинг екипата која ги вози овие чудесни летала со едноставна конструкција, но со неверојатна аеродинамика и способност да се одржат во воздухот со часови, ја сочинуваат четири врвни инструктори со исто толку “банани” како што најчесто ги викаат параглајдерите, иако стручно тоа се крила од специфичен материјал со аеродинамичен профил.
На чело на оваа одбрана екипа е инструкторот по параглјадерство Сашо Смислевски, кој со параглајадинг се занимава над две децении.
„Охрид има прекрасни услови за летање со параглајдер, а туристите кои ги возиме имаат и што да видат од воздух. Тоа беше главната причина што повторно сме во Охрид. Сакам да нагласам дека годинава и градот Охрид создаде речиси идеални услови да летаме со овие крила. Со директорот на Националниот парк ‘Галичица‘ Андон Бојаџи имавме само три средби и веднаш најдовме на разбирање за нашите предлози”, вели инструкторот Смилевски.
Пред две години параглајдерството во Охрид замре поради високите давачки што ги постави Националниот парк за параглајдеристите, кои нашите летачи финансиски не можеа да ги издржат, а и летачите од светот кое сакаат да летаат за свој ќеиф. Сега во просторот на Националниот парк се влегува со минимална наплата.
Скопските парагајдеристи полетуваат од делови на врвовите на Петрино над селото Велестово и од Галичица.
„Оттука стартуваме и слетуваме на просторот во близина на езерската полиција. Летовите се во тандем, а тоа значи дека со нас возиме и еден гостин на Охрид. Траат од 15 до 20 минути, во зависност од термиката која во тие моменти е над почвата и над езерото. Во просек се качуваме на висина од околу 2.600 метри, а веќе на 150 метри над планината се гледаат и Охридското и Преспанското езеро, што им е посебно возбудливо на гостите што ги возиме. Тоа е незаборавна глетка и за нас кои речиси неколку часа сме во воздух. Од разговори со гостите разбравме дека тие многу повеќе сакаат да го видат езерото од воздух отколку да се капат во него. Параглајдингот секаде во светот каде што има услови за летање носи многу гости, така е и во Охрид. Ние имаме и многу Англичани кои ги возиме со параглајдери на кои поблиску им е да одат да се искапат во море во Шпанија, отколку да дојдат да се капат во нашите езера. Но, тие сакаат да летаат со параглајдер токму од Петрино или Галичица”, вели Смилевски.
Најчести клиенти им се Холанѓани, па потоа Полјаци, Германци, Англичани, Израелци, Индијци…
„Имаме и млади Охриѓани кои сакаат да доживеат авантура во воздух. Се прашувавме зошто имаме најмногу Холанѓани кои сакаат да летаат со нас и од разговорите со нив дознавме дека од прва се освоени од височината на планините над Охрид. Тоа е за нив вистинско откритие, право изненадување”, додава Смилевски.
Во Охрид до пред две години доаѓаа и многу летачи кои летаат соло со параглајдери. Се сместуваа во куќите во Трпејца и Љубаништа. Континуирано преку летото доаѓаа и по триесетина пилоти, заедно со семејствата и пријатели. Но, откако се измени тарифникот за летање од Галичица, наеднаш сè замре, бидејќи финансиски не им се исплаќаше. Оваа сезона се очекува и тие соло пилоти да се вратат.
Од Националниот парк „Галичица“ деновиве е исчистен и просторот од грмушки каде што полетуваат параглајдеристите.
„На наше пријатно изненадување донесоа дури и багер кој го чистеше просторот што ни го олесни полетувањето, таков среден простор за полетување одамна ни требаше.Тие се понудија да ја поправат и метеоролошката станица на Петрино која е уништена. Некој со ловечка пушка пукнал во антената на станицата која ни даваше параметри, битни за летањето. Од неа преку посебна интернет апликација добиваме податоци за брзина на ветрот, правецот. Сега таа е вон функција. Такви мерни станици со финансиска помош на УСАИД се поставени на Јабланица,Трескавец и во Крушево”, раскажува Смилевски.
Во Охрид конечно сфатија дека носењето на Холанѓаните со магариња по планините не е единствената интересна понуда која беше атрактивна, туку дека и параглајдингот може да донесе многу повеќе туристи. Тоа Охриѓани годинава го покажаа и на дело со обезбедување на оптимални услови за летање.
„Параглајдингот е во интерес на локалната економија и развојот на туризам во Охрид. Препознав голем ентузијазам кај параглајдеристите. Во исто време добив информација на состанок на Агенцијата за цивилно воздухопловство дека државата има посеризона регулатива за параглајдингот и врз основа на нивните препораки презедовме чекори за средување на терените за полетување и други активности за овој спорт, кој веруваме ќе помогне во туристичкиот развој на градот”, ни изјави Андон Бојаџи, директор на Националниот парк „Галичица”.
Д.ЧУБРИЌ