Подготовките за полициската забава „Информативен разговор“ завршија. Демонстрантите нашминкани и со фризури решија забавата да ја продолжат во блиско кафуле за кое велат дека било секташко оти таму се собираат активисти на Шарената револиција, а и „Белизе бенд“ таму вежбале за настапи. Кафулето беше наречено секташко откако поранешниот премиер Никола Груевски обелодени дека некои невладини организации делувале секташки и барале од следбениците да скокаат врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ и да викаат „Оваа Влада не чини“.
Раскрсницата пред „Палома бјанка“ се испразни, а до пред половина час беше претворена во летна дискотека. Шарените револуционери на една страна поставија штандови на кои демонстрантите се шминкаа за полициската забава, а на средина од раскрсницата од комбе со големи звучници се пушташе музика. Актерката Ана Костовска ја испеја „Системот те лаже“ на групата Београдски синдикат, пееше и Драган Спасов Дац, се слушаше македонска музика, стари и нови хитови.
Додека едни се шминкаа, други изведуваа секташки ритуали. Еден демонтрант се качи на комбето викајќи „Јас сум секташ, повторувајте по мене“, а останатите го слушаа и повоторуваа се што ќе кажеше.
Забавата „Информативен разговор“ почна на раскрсницата пред „Палома бјанка“ оти кордон полицајци не им дозволи на демонстрантите да се доближат до полициската станица „Беко“ каде што беше најавено дека ќе се одржи. Повод за оваа забава беа зачестените информативни разговори на учесниците во Шарената револуција.