Во улицата Кај ѕвончарите во битолската чаршија молкна чеканот на последниот ѕвончар. 75-годишниот занаетчија Иван Илиевски неодамна со тага во срцето го испразни дуќанот од каде што неговото семејство шест децении го заработувало лебот. Ги собра наковалните, чеканите, непродадените ѕвонци и ги замандали старите ќепенци. Соочен со намалената потрошувачка се откажа од ѕвонците кои ги изработуваше целиот работен век.
Дуќанот, од каде во поранешна Југославија ѕвонци за стоката нарачуваа дури од Далмација, денес продава друга трговска стока. Со тоа ѕвончарот и познатата улица Кај ѕвончарите заминаа во битолската историја.
„Тешко ми е што ја затворам вратата. Овде 60 години јас и татко ми прававме ѕвонци и клопотарци. Со ова умре уште еден стар занает во битолската чаршија. Но верувајте, немаше спас. Купувачи имаше сè помалку, а давачки сè повеќе. Месечно имав давачки од 15.000 денари, за придонеси, даноци, кирија за дуќанот кој беше сизовски. Не ми остануваа пари ни за да набавам материјали“, раскажува последниот битолски ѕвончар Илиевски.
Стоката скоро во цела Македонија носеше клопотарци направени од неговите вредни раце. Но, иселувањето на руралните средини и напуштањето на сточарството му го нанесе првиот удар врз работата уште пред повеќе години. Последниот удар, кој се покажа најсмртоносен, беше увозот на ѕвонци од Турција и Албанија кои се подаваат по многу ниска цена.
„Ѕвонците што јас ги изработувам чинат од 150 денари до 1.200 денари. Но, увезните се многу евтини. Но не со ваков квалитет. Тое се чиста ламарина за една година ‘рѓосуваат, а на ова трајноста е до 10 години“, вели ѕвончарот.
На ден се случувало со припомош на калфата да изработат и по педесет ѕвонци. На заминување освен торбите со алати, му тежеше и душата од спомени.
„Ми се враќат многу драги спомени. Најубавото време беше од 1970 до 1990 година. Југославија беше голема држава. Бев еден од ретките ѕвончари на тие простори. Потрошувачка беше доста голема. Ѕвонците се продаваа дури од Црна Гора, Далмација, Книн, Белград. Купуваа клопотарци и ѕвонци за овци и говеда, клопотарците од месинг ги лиевме, а ѕвонците од плех. По селата имаше стока, народот не беше иселен“, рече Илиевски.
Со тага го испратија и соседите. Ѕвончарскиот дуќан е уште еден од многуте кои се затворија во битолската чаршија соочени со напливот на новата трговска стока. Неговиот сосед, сопственикот на фирмата „Папал дизајн“ Велчо Петровски ни рече „порано во чаршијата адет беше во среда да се отвораат дуќани за среќно, а сега стана адет да се затвораат во четврток. “
Ж. ЗДРАВКОВСКА