ЗА ЕДЕН ДОЛАР КУПУВАЛЕ АВИОБИЛЕТИ ОД ЛАЖЕН САЈТ, БАНКИТЕ ПРЕПЛАВЕНИ СО БАРАЊА ЗА БЛОКИРАЊЕ НА КАРТИЧКИ

    ЗА ЕДЕН ДОЛАР КУПУВАЛЕ АВИОБИЛЕТИ ОД ЛАЖЕН САЈТ, БАНКИТЕ ПРЕПЛАВЕНИ СО БАРАЊА ЗА БЛОКИРАЊЕ НА КАРТИЧКИНа социјалните мрежи вчера се појави лажна интернет страна на нискобуџетната компанија „Визер“ на која пишува дека нудат два авионски билети само за еден долар. Оваа промоција како што стоеше на сајтот е во рамките на одбележување на 15-годишнината на авиокомпанија.(Фото: Фејсбук)

    Граѓани вчера масовно купуваа авионски билети од лажна интернет страна, а кога сфатиле дека станува збор за измама вртеле во банките да им ги блокираат картичките.

    На социјалните мрежи се појави лажна интернет страна со слично име како нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на која пишува дека нудат два авионски билети само за еден долар. Оваа промоција, како што стоеше на сајтот, е во рамките на одбележување на 15-годишнината на авиокомпанија.

    Голем број граѓани наседнаа на оваа лажна страна и на своите Фејсбук профили објавуваа дека купиле билети и му се заблагодаруваа на „Визер“ за промоцијата. При купување на картите тие на лажната страна ги внесуваа и податоците од картичките.

    Но за кусо време, дел од граѓаните кои купиле билети открија дека станува збор за измама и лажна интернет страна, па масовно вртеле по банките да им ги блокираат картичките.

    „За сите што аплициравте за два билети на ’Визер‘ за еден долар и ги оставивте оригиналните податоци од вашата картичка под итно да се јавите во банка да ви ги блокираат картичките ако не сакате да се разбудите со нула денарите на вашата сметка“, пишуваа граѓани на социјалните мрежи откако открија дека станува збор за измама.

    Денеска, од Стопанска банка АД Скопје на нивната официјална страна апелираа до нивните корисници да внимаваат при користење непознати интернет страници како и да внимаваат на името на страницата пред да внесуваат лични податоци и податоци од платежните картички.

    „Деновиве актуелна е појавата на се поголем број спонзорирани објави и реклами на Фејсбук од страна на лажни интернет продавници кои се декларираат како застапници на познати светски брендови како ’Визер‘, а со цел собирање на податоци за вашите платежни картички и нивна понатамошна злоупотреба. Доколку се сомневате дека сте ги споделиле вашите податоци и податоците од картичката со лажна интернет продавница јавете се во нашиот 24/7 контакт центар на (02)3100 109 со цел блокирање на картичката и спречување на понатамошна злоупотреба на вашите средства“, велат од Стопанска банка.

    Од Комерцијална банка ги советуваат своите клиенти да внимаваат на името на интернет страницата пред да внесуваат лични податоци и податоци од платежните картички.

    „Банката континуирано ја следи употребата на картички од страна на корисниците, преку интерни системи за заштита од злоупотреби и превентивно превзема акции за заштита на своите клиенти. Од тие причини, Банката уште во текот на вчерашниот ден започна комуниција со корисници за картички кои сметаме дека ја употребиле својата картичка на лажна интернет страница или има опасност од злоупотреба на лични податоци на клиентите. Банката како досега, така и во иднина континуирано ги советува клиентите на внимателност при користење непознати интернет страници како и да внимаваат на името на страницата пред да внесуваат лични податоци и податоци од платежните картички“, велат од Комерцијална банка.

    Во Министерството за внатрешни работи велат дека до сега кај нив никој не пријавил случај за лажната страна.

    „Ние постапуваме доколку има пријава до нас. За овој случај со продажба на билети за еден долар од ’Визер‘ немаме пријава“, велат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира