Доналд Трамп ѝ фрлил гумени бонбони на Ангела Меркел за време на неодамна одржаниот Самит на најразвиени земји Г7 во Квебек, Канада.
Како што јави мрежата Си Би Ес, а веста ја пренесоа повеќе светски медиуми, инцидентот се случил за време на жешката расправа која е овековечена на сликата на Ројтерс на која американскиот претседател седи со скрстени раце додека е опкружен од огорчените светски лидери.
Трамп ѝ ги фрлил бонбоните на германската канцеларка откако таа била поддржана од европските сојузници.
Јан Бремер, претседател на Евроазиската група во утринската емисија на Си Би Ес во средата го опиша инцидентот.
„Тој се согласи да потпише и рече ОК, ќе потпише. И во тој момент, стана, ги стави рацете в џеб и од таму извади две бонбони „Старбсрт“, ги фрли на масата и ѝ рече на Меркел: „Еве ти Ангела. Немој да велиш дека никогаш ништо не сум ти дал“.
Самитот на седумте најразвиени земји што се одржа на 8 и 9 јуни заврши хаотично, откако американскиот претседател прво се скара со домаќинот Џастин Трудо околу царините со Канада, а потоа отвори трговска војна со останатите партнери од Европа.