Општина Охрид планира максимално да го редуцира сообраќајот во центарот на градот. Локалната власт ангажираше компанија која ќе изработи неколку идејни проекти за одвивање на сообраќајот во централното градско подрачје.
„Тргнуваме од определбата дека сите имаат еднакви права за користење на просторот во центарот на градот. Но, намера ни е да го дестимулираме користењето на овој дел од страна на охриѓани, за да има повеќе простор за возила на гостите“, вели градоначалникот на Охрид Јован Стојановски.
Идејните решенија предвидуваат организирање на еднонасочен сообраќај на одредени улици, поставување на мини кружни текови и велосипедски патеки.
„Засега сè е во фаза на јавна расправа, а конечно решение ќе донесеме откако ќе се слушне мислењето на граѓаните, но и на сопствениците на угостителски објекти од центарот на градот“, велат од Општина Охрид.
Во Охрид изминатава деценија во повеќе наврати беше најавувана изработка на сообраќаен проект, посебно во централното градско подрачје. Но, досега сè се сведуваше на ограничување на движење на возилата во одредени часови и тоа само во летниот период.
Д. ЧУБРИЌ