Велешката железничка станица е најстарата во Македонија и првиот воз пристигнал токму тука, на 9 април 1873, од Солун. Низ годините таа ја менувала местоположбата, изгледот, бројот на патници. Денес, реновирана неодамна, служи на патниците кои од Велес патуваат најчесто за Скопје, а помалку за Битола, Гевгелија или Кочани и попатните станици од овие насоки.
Историски гледано, првата станица во Македонија е направена близу Стар Мост во 1873, кога возот прв пат минал низ Македонија и железницата прв пат проработела. Велешката станица како централен железнички јазол била постојано мета на уништување низ сите војни на овие простори. Срушена е во Првата светска војна, па повторно изградена и пуштена во употреба во 1921. И таа е срушена во Втората светска војна па обновена.
По Втората светска војна била изградена мала зграда, која не можела да ги задоволи потребите на патниците, вели Петар Спасовски, помошник директор за правни работи во МЖ Инфраструктура.
Чудото од парна локомотива, која чурела и стигнала пред маса народ пред 145 години, кај повеќето велешани тогаш предизвикала радост, кај некои и страв од големата железна машина, иако таа повеќе ползела отколку што возела. Но го растурила бизнисот на сплаварење до Солун или со карвани со коњи, како што дотогаш се пренесувала стоката која велешките трговци ја продавале на Запад. Според пишаните документи, брзина на патничките и мешаните возови во тоа време била 35 и 30 км на час, а таа на товарните возови била утврдена на 30 и 25 км на час. Во 1886 возењето станало побрзо, така што просечната брзина веќе можела да достигне 40 км на час.
Бројките покажуваат дека во 1882 со железницата патувале 66.245 луѓе, а две години подоцна 72.872 патника од кои 67.968 патувале во III класа, 4.402 во II класа и само 502 патувале во I класа. Во однос на стоковниот промет, статистиките за обемот на увезената и извезената стока транспортирана со железницата преку Солун, изгледа вака: во 1879 биле увезени 24.163.618 кила разновидна стока, а во 1880 38.454.323 кила. Во 1879 биле извезени 24.827.134 кила, а во 1880 21.421.557 кила. Од извезената стока (жито, вино, бостан, дрво и кожурци свилена буба) на прво место стоеле житариците со над 18.000.000 кила во 1879 и близу 14.500.000 кила во 1881.
Интересна епизода од железничката станица во Велес раскажува Виктор Левков, еден од наследниците на семејството Левкови, кое имало фабрика за украсна керамика.
„Кога турскиот султан Абдул Хамид II се враќал со воз 1907 од Косово, минал низ Велес. Бидејќи сме имале дуќан на Железничка станица, таму дедо ми Александар му подарил една фигура. Тој толку се воодушевил кога ја видел, што подоцна од Истанбул испратил лири како награда. На ова дедо испрати две нови фигури за султанот. Според кажувањата на музејските работници од Скопје, тие три фигури се наоѓаат во музејот во Топ капи палатата, со посвета дека се од Левкови од Ќупрули, старото турско име за Велес, за турскиот султан“, вели Левков.
При ослободувањето на Велес, Германците го минираа и урнаа Железен Мост, заедно со другите два моста во градот, Мало Мовче и Стар Мост.
Разрушениот Железен Мост го градеа заробените Германци. 4-5 години се креваше по два три сантиметри на ден. И кога завршија, парна локомотива со еден вагон се движеше по него, мина неколку пати преку мостот, прво полека, потоа побрзо и побрзо, да се види дали ќе издржи. Доле, под мостот беа инженерите и Германци и наши. Ако случајно мостот не издржи, тие први ќе настрадаа. Мостот издржа и до ден-денес, а заробените Германци потоа беа пуштени дома. И со нив заминаа велешки жени, со инженерите, некои со војниците. Стапија во брак и се земаа“, раскажува постар велешанец, тогаш 10-годишно момче.
Пред заминувањето, германските војници уништиле 10-тина парни локомотиви, кои се наоѓале близу Железничката станица во Велес. За да не паднат во рацете на партизаните во котлите ставале бомби и експлодирале. Така направиле и со вагоните со муниција кои биле на Штипска пруга близу Велес, биле уништени ама од муницијата која се разлетала по околината и до неодамна таму имаше експлозивни направи. Кога се повлекувале освен што ги урнале мостовите ја уништиле и гевгелиска пруга. Со машина како рало, ги искршиле сите прагови.
На велешката железничка станица уште постојат неколку работи кои се останати како реликти стари еден век и повеќе. Тие се предмети кои некогаш се користеле за парната локомотива, за нејзино полнење, функционирале се до 1978, кога пругата кон Гевгелија беше електрифицирана. Тоа се двата резервоари за вода и двата водонапојника. И судбински близу до нив е домот на Петре Николов, кој дел од животот минал користејќи ги нив како машиновозач по македонските пруги, возејќи парна локомотива, но и дизел, возел и електролокомотиви и шинобуси.
„На железничка во Велес има два водонапојника. Тие служат за полнење на парната локомотива со вода. Долу кај Бентот имаше пумпи, влечеа вода од Вардар и ги полнеа резервоарите, кои се на влезот од железничка од правец на Скопје. Има два, еден помал и еден поголем. Од нив со систем водата се носеше до водонапојниците и преку тендер, така се викаше системот, се полнеше локомотивата. Вредно е да се напомене еден настан по ослободувањето. На пругата кон Кочани имаше останато некои возила, кои беа заробени на таа делница оти Железен Мост беше срушен, и прашање беше како да се искористат да не стоајат така неупотребени. Зимото 1945/46, преку Вардар преку Стар Мост се префли парна локомотива тешка можеби 20 тони. Тоа беше настан, сите и старо и младо го гледавме“, вели 83-годишниот Николов.
Ако пред само 10-тина години Железничката станица во Велес имаше илјада и двеста патници дневно, сега тоа е драстично намалено на само двесте.
„Порано имаше далеку повеќе патници, сега нема, побегнаа. Има автобуси, такси. Сега само учениците и работниците патуваат со месечни билети и кога има бесплатни денови, тогаш е полно“, вели Николов.
П. ПЕЧКОВ