Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс рече дека била избркана од ресторан во Вирџинија бидејќи работи за претседателот на САД Доналд Трамп. Сандерс на Твитер напиша дека сопственичката на рестораните „Ред хен“ во Лексингтон и рекла дека мора да си оди бидејќи работи за Трамп и дека таа љубезно си заминала.
„Изминатата вечер сопственичката на ресторанот ‘Ред хен’ во Лексингтон ми рече да си одам бидејќи работам за Трамп, и јас љубезно заминав. Нејзините постапки говорат повеќе за неа отколку за мене“, напиша Сандерс на Твитер.
Сопственичката Стефани Вилкинсон изјави дека верува оти Сандерс работи за „нехумана и неетичка администрација“. Таа за „Вашингтон пост“ изјави дека одлучила да побара од портпаролката на Трамп да си оди од ресторанот со 26 места, откако разговарала со нејзиниот персонал.
“Кажете ми што сакате да го направам. Можам да ја замолам да си оди. Тие рекоа да“, вели Вилкинсон.
Инцидентот се случи неколку дена откако секретарката за внатрешни работи Керстен Нилсен беше пречекана со извиците „срамота“ во еден мексикански ресторан во Вашингтон и морала да си оди.
Двата случаи доаѓаат во услови на зголемен притисок врз американската влада, поради нејзината контроверзна политика за одвојување на мигрантските деца од нивните родители на мексиканската граница. Одлуката на администрацијата за кривично гонење на секој недокументиран мигрант што ја преминува границата, остави околу 2.300 деца одделени од нивните родители во мај и јуни и предизвика бран на гнев. Претседателот Трамп сега ги прекина разделбите во семејствата, но вели дека останува посветен на политиката за „нулта толеранција“.
Критичарите на одлуката на „Ред хен“ велат дека таа е дискриминаторска. Сепак, други ја споредија одлуката на ресторанот со неодамнешната пресуда на Врховниот суд во корист на пекар кој одбил да направи свадбена торта за геј пар, случај што многу конзервативци го сметаат како тест за верска слобода.