ЕРДОГАН ПРОГЛАСИ ПОБЕДА НА ИЗБОРИТЕ ВО ТУРЦИЈА, ЌЕ ИМА МНОЗИНСТВО И ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    ЕРДОГАН ПРОГЛАСИ ПОБЕДА НА ИЗБОРИТЕ ВО ТУРЦИЈА, ЌЕ ИМА МНОЗИНСТВО И ВО ПАРЛАМЕНТОТЕрдоган го освои вториот мандат уште во првиот изборен круг, иако опозицијата вели дека е рано да се прогласи победник (Фото: АП)

    Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа на предвремените избори во Турција, пред да бидат објавени официјалните резултати.

    Државните медиуми објавија дека тој освоил 53% од гласовите, со што изборите беа заклучени уште во првиот круг, додека неговиот најголем ривал Муарем Инџе е на 31%.

    Паралелно со претседателските, се одржаа и парламентарните избори и Ердоган соопшти дека неговата партија АКП ќе го задржи мнозинството, најмногу благодарение на сојузникот Националистичко движење.

    И додека Ердоган кажа дека изборите биле успешен тест за демократијата во Турција, опозицијата тврди дека е рано да се прогласи победник.

    „Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка врз резултатите“, изјави Ердоган.

    Врз основа на преброени 96% од ливчињата, партијата на Ердоган има освоено 42% гласови, а главната опозициска партија ЦХП 23%. Во парламентот ќе влезе и прокурдската партија ХДП, која го поминала прагот од 10%.

    Во вториот мандат, Ердоган ќе добие многу поголеми моќи, благодарение на уставните промени, кои тесно беа изгласани на референдумот минатата година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира