ЗАПАДЕН БАЛКАН НЕ Е ВЕЌЕ БУРЕ БАРУТ, ДОБИВА ЕВРОПСКА ПЕРСПЕКТИВА, ВЕЛИ ЏАФЕРИ

    ЗАПАДЕН БАЛКАН НЕ Е ВЕЌЕ БУРЕ БАРУТ, ДОБИВА ЕВРОПСКА ПЕРСПЕКТИВА, ВЕЛИ ЏАФЕРИОрганизатор на состанокот на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност од парламентите на земјите на Југоисточна Европа е собраниската Комисија за одбрана и безбедност (Фото:Собрание на РМ)

    Западен Балкан сè помалку личи на буре барут и мислам дека сите заедно му даваме јасна европска перспектива, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на состанокот на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност од парламентите на земјите на Југоисточна Европа.

    „До ова се дојде со политичката волја на актуелните политички лидери и актуелните влади овие проблеми и антагонизми да се решат. До решението се дојде само преку дијалог и отвореност на аргументите и на едната и на другата страна. Законот за ратификација на Договорот со Грција помина во Парламентот. Јас очекувам  дека државните институции, вклучително и претседателот на државата ќе го почитуваат Уставот и парламентарната демократија. А дали овој Договор ќе биде имплементиран или не, сепак на крајот ќе одлучат граѓаните на референдум, а ние политичарите таа волја ќе мора да ја почитуваме“, рече Џафери .

    Тој зборуваше и за договорите со Грција и со Бугарија со кои, според него, Македонија не само што ги уреди билатералните односи со соседите, и го деблокира патот кон ЕУ и НАТО, туку дава и голем придонес во стабилноста, мирот на регионот.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека случувањата во наредните две недели ќе имаат долгорочни последици, позитивни по безбедноста и политичката состојба во Македонија.

    „Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ и добивањето покана за членство во НАТО ќе бидат мотив плус да продолжиме со засилени реформски приоритети за кои убедени сме ќе ја добиеме и поддршката на Собранието“, рече Шекеринска.

    На конференцијата зборуваа и директорот на Центарот за безбедносна соработка- РАКВИЈАК, Хајдар Берг, а ја водеше претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност пратеникот Хари Локвенец. Организатор на состанокот е собраниската Комисија за одбрана и безбедност во соработка со РАКВИЈАК.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира