Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани апелираше до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престане да го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку фиктивна амандманска расправа во собраниската Комисија за транспорт и врски
„Загрижени сме што опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку фиктивна амандманска расправа во собраниската комисија за транспорт и врски, го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Предложениот закон доби широка поддршка од новинарската заедница и помина меѓународна експертиза од ОБСЕ и Советот на Европа. Тој е клучен за почнување на медиумските реформи во Македонија, кои треба да го подобрат квалитетот на новинарството“, вели Селмани.
Според претседателот на ЗНМ, ВМРО-ДПМНЕ ги блокира реформите во медиумите за да ги заштити нивните партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми.
„Несфатливо е зошто ВМРО-ДПМНЕ се противи на изборот на нов состав на програмски совет на МРТ и на Советот на Агенцијата кога од нивниот глас зависи кој ќе биде избран.
Јавно повикуваме, претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуровска идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат лажната дебата и да дозволат Собранието да ги изгласа измените“, рече Селмани и побара од парламентарно мнозинство да ја преземе одговорноста и да ги деблокира реформите во медиумите, ако опозицијата продолжува да се однесува неконструктивно.