Во бомбите кои денеска се пуштаа во судница за предметот на СЈО „Тревник“ каде обвинет за нелегално градење е Драган Павловиќ – Латас, се слуша како тој се договара со изведувачот околу изгледот на викендиците во Зелениково, уредување на дворот и колку тоа ќе го чини.
Изведувачот му кажува на Латас како ќе се изведува потпорниот ѕид и стакларник за овошје и зеленчук.
„Сега да најдам 15.000 за ѕидов, тоа другото одложи го, многу е. Не сум јас така богат како што изгледа од страна. Стакленикот убаво ќе изгледа, ќе ти најдам за тоа пари, а за тоа другото ќе почекаме сега сме во криза“, му вели Латас на сопственикот на фирмата изведувач Злате Анастасов.
Во друг разговор меѓу Латас и брат му Срѓан во кој се договараат каде да бидат паркинг местата, тој му вели: „Оди утре, тамам да видиш и однеси им јадење и пиење на работниците.
„А тие Албанци ли се, да знам што да купам“, го прашува Срѓан на што Латас му одговара: „Не бе вмровци се, од нашите. Јас вчера им однесов 100 ќебапи и пиво“.
Во друг разговор, Латас му нуди на изведувачот земјиште во село Пoбожје како компензација.
„Тоа е многу убаво место, има над 100 викенд куќи, а и Сител ќе гради таму голема куќа. Ќе му спомнам и за тебе кога ќе почне со градба. Да одиме да го видиш земјиштето“, вели Латас, а потоа му кажува на брат му дека треба да чести оти го продале земјиштето во Побожје и со тие пари ќе може да почнат да ги градат викендичките.
А. АНТЕВСКА