Околу 10.000 пензионери од Штип неодамна останаа без претседател, а од лани и без старечки дом кој досега требаше да биде изграден и во него да се вселат 100 пензионери. Актуелниот претседател Александар Захариев поради влошена здравствена состојба не може да ја извршува претседателската функција, а пензионерскиот дом што почна да се гради пред 4 години поради судски спор е стопиран и градбата за која досега биле вложени 30 милиони денари пропаѓа.
Старечкиот дом почна да се гради пред 4 години со средства на Здружението. Една стара зграда на АРМ при влезот на Касарната во Штип со одлука на Влада беше дадена на Општина Штип, а таа пак со одлука на Советот ја преостапи на Здружението на пензионерите за оа да изгради дом за пензионери со капацитет за 100 лица. Домот почна да се гради, се подигнаа 4 ката, но тогаш поради судски процес за неовластена градба изградбата беше стопирана. По двегодишно судење, пензионерите очекуваат на почетокот на септември за кога е закажан завршниот судски процес да се донесе одлука во корист на пензионерите и Домот на пензионерите да се доизгради.
Потпреседателот Коста Штерјов и неговите соработници посакуваат побрзо заздравување на првиот човек на Здружението, но со оглед на сериозноста на неговата здравствена состојба тие се принудени да функционираат и без него. Според статутот, во неможност претседателот да ја извршува функцијата го заменува потпреседателот.
„Редовното изборно Собрание треба да се одржи по Нова година. Во јануари и февруари избори ќе се одржат речиси во сите пензионерски здруженија во Македонија, вклучувајќи го и штипското. Ги преземаме сите активности во овој избор да се вклучат урбаните заедници. Нивните пензионери во наредниот период треба да предложат делегати, а во јануари или февруари ќе се изврши изборот на органите и телата на Здружението, а потоа и на новиот претседател. Дури тогаш ќе ги интезивираме работите и за завршувањето на зградата на Домот на пензионерите, за што се добиени сите валидни дозволи за градба. Со тоа нема да пропаднат досега вложените средства и нема да дозволиме зградата со забот на времето да се руинира“, вели Штерјов.
Т. ЈОВАНОВСКИ