По историскиот настап во Франција пред 20 години, Хрватска по вторпат во својата историја ќе игра во полуфиналето на Светското првенство, откако по уште една пенал-драма го совлада домаќинот Русија со вкупни 6:5 (2:2 по 120 минути).
Тоа ја развесели и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која повторно, овојпат службено, допатува во Русија, за да ги бодри најдобрите хрватски фудбалери. За осминафиналниот дуел со Данска, таа, како што беше објавено, дошла на свој трошок.
Овојпат, таа седеше во друштвото на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и на рускиот премиер Дмитри Медведев, пред кого почна да танцува кога Домагој Вида ја доведе Хрватска во водство во 101. минута. Тоа, сепак, не се покажа доволно за победа, откако рускиот Бразилец Марио Фернандеш израмни на 2:2 во 115. минута, за да го одведе мечот во пенал-рулет, во кој одново херои на Хрватска беа голманот Данијел Субашиќ и последниот изведувач Иван Ракитиќ.
Колинда и Медведев во добро расположение го следеа мечот, па камерите ги фаќаа како меѓусебно си честитаат за головите на нивните репрезентации.
Хрватска во полуфиналето ќе се сретне со Англија, додека другата двојка се Франција-Белгија.