Водните живеалишта во Преспа се загрозени од човечките активности, екстракцијата на песок, уништувањето на трската за создавање плажи, рече Даниела Заец, регионален координатор на Канцеларијата што Македонското еколошко друштво – МЕД денес ја отвори во Ресен. МЕД во Преспа започна да спроведува мониторинг и картирање на значајни водни живеалишта, како и мониторинг на крупни цицачи и растенија во рамки на проектот „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ПреспаНет“, финансиран од Фондот за природа за регионот Преспа – Охрид (ПОНТ) и Јенсен фондацијата.
„Најитни во овој момент ни се водните живеалишта затоа го правиме овој мониторинг и картирање. Истражуваме кои се важни водни живеалишта во регионот и ќе изработиме план како тие треба да се заштитат. Тоа се трската и брегот на Преспанското Езеро, нив ги мониторираме, за да видиме каде е дозволено да се направат плажи, а каде не е дозволено нешто да се работи. Ова истражување ќе даде резултати каква е сегашната состојба и како тоа влијае врз живот свет во езерото“, рече Заец.
Проектот за прекугранична заштита на регионот на Преспа ќе се спроведува три годинии и ќе бидат опфатени и грчкиот и албанскиот дел на езерото.
„Преспанскиот Регион е еден вид жешка точка за биодиверзитетот и за негова заштита е неопходна соработка со другите две држави кои го делат овој значаен езерски систем. Формиравме мрежа на невладини организации позната како „Преспа Нет“ од трите страни на езерото. Изработивме прекугранични акциски панови за заштита на планинскиот чај, кафеавата мечка, пештерите и лијалците, пеликаните. Заштитата може да биде ефикасна само во случај ако се врши заеднички од трите страни, во спротивно и да биде направено добро само во една од земјите нема да има добар ефект“, рече Робертина Брајановска, ивршен директор на Канцеларијата на МЕД.
Ж. ЗДРАВКОВСКА