Европската комисија (ЕК) на почетокот на оваа година почнала истрага во врска со субвенциите што македонската влада ги дава на унгарската компанија Виз ер и бара од македонските власти информации за поттикнување на нелојална конкуренција што може да го наруши договорот за Европскиот заеднички воздухопловен простор (ЕЕАЦ), чиј потписник е и Македонија.
„Европската Комисија има сознанија дека постои загриженост во врска со шемата на финансиски субвенции што македонската Влада ги дава од 2012 година на домашни и на странски авиокомпании кои сакаат да летаат од аеродромот „Александар Велики“, што може да ја наруши конкуренцијата меѓу аеродромите во регионот, а индиректно и меѓу засегнатите авиокомпании, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Јакуб Адамович, портпарол на Европската комисија за транспорт и регионална политика.
Тој вели дека“ Европската комисија е во контакт со македонските власти за да ги добие сите потребни информации за да го разгледа ова прашање“.
Претставник на австриската авиокомпанија Остриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза на 26 мај ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.
Минатиот четврток на одбележувањето на 20 годишнината од првиот лет Виена – Скопје, претставникот на австриската компанија Александер Толвет реагираше на неодамна отворената линија Скопје – Братислава на унгарскиот нискобуџетен превозник Виз ер. Отварањето на таа линија е делумно субвенционирана од буџетот на Република Македонија.
Според појаснувањето на Остриан ерлајнс што денеска го добивме од портпаролот на компанијата во Виена Вилхелм Балдиа, компанијата не побарала истрага од Европската комисија, но е запозната дека „ЕК почнала истрага во почетокот на годинава по жалба од друга земја члнека на Европскиот заеднички возухопловен простор (ЕЦАА) која што укажала на контрадикција со Европското законодавство за конкурентност“.
„Сепак Остриан ерлајнс ја поддржува оваа истрага во врска со договорот меѓу Европската унија и ЕЦАА“, вели портпаролот Балдиа во изјавата за САКАМДАКАЖАМ.МК и додава дека „внатрешната истрага во Европската комисија е во тек и за евентуелна акција се уште нема донесено одлука“.
Европскиот заеднички возухопловен простор (ЕЦАА) е асоцијација на сите земји членки на ЕУ, Македонија со земјите од регионот и Косово.
И портпаролот за транспорт и регионална политика на Европската комисија Јакуб Адамович за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека „Европската комисија нема сознанија дека „Остријан ерлајнс“ бара од ЕК истрага за финансиските субвенции што македонската Влада ги дава на „Виз ер“.
Субвенциите беа споменати и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ во декември минатата година. „Останува загриженоста околу финансиските погодности што се даваат на авио операторите“, стои во извештајот на Европската комисија.
Косовското цивилно воздухопловство минатата година во ноември испратило формална жалба до Европската комисија против субвенциите што македонската влада ги дава на унгарскиот Виз ер.
Приштинскиот аеродром, кој е во сопственост на француско – турски конзорциум ја обвини македонската влада и аеродромот Александар Велики за нефер натпревар поради субвенициите кон Виз ер. Директорот на аеродромот Халдан Фурат Коктурс изјавил дека со директното давање пари на само една компанија, од 8 до 13 евра по патник, што е 30 до 35 отсто попуст од регуларната цена, „тоа е целосно против регулативите на Европската унија“.