ВО ТИМЈАНИК ОТВОРЕН ДОМ ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ВО ТИМЈАНИК ОТВОРЕН ДОМ ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТВо малиот групен дом во Тимјаник сместени се четири деца со попреченост од Специјалниот завод Демир Капија (фото: Фејсбук)

    Новиот мал групен дом за деца во неготинското село Тимјаник денес и официјално почна со работа. Во него се сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија. Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ, Сојузот на дефектолози и Специјалниот завод Демир Капија претходно ги подготвуваа децата за преместување во новиот мал групен дом, каде ќе имаат 24-часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на децата полесно и побрзо да се вклопат во општеството.

    На почетокот на минатиот месец, при отворање на првиот мал групен дом во Неготино каде се сместени три деца со попреченост, жителите на Тимјаник организираа протести против отворање на ваков дом во нивното село. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при отворање на домот кажа дека недоразбирањето со жителите од село Тимјаник се надминати.

    „Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, рече Царовска.

    Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс рече дека со отворањето на малиот групен дом се прави нов чекор кон трансформација на големите институции и обезбедување семејна грижа за секое дете.

    „Заедно со Владата и другите наши партнери секој ден сме се поблиску до остварувањето на заложбата на Владата за ставање крај на институционалната грижа за деца помали од три години до 2020 година“, рече Перкс.

    Досега од Специјалниот завод Демир Капија се извадени вкупно седум деца.

    „Деинституционализацијата е тежок збор но има убаво значење, а тоа е дека секој заслужува место кое ќе го вика ‘дома’. Да се обезбеди за сите деца и возрасни со попреченост да ги уживаат своите права, вклучувајќи го и правото да живеат во нормални домови во заедницата. Ова е приоритет за УНДП и за целото семејство на Обединетите нации”, рече постојана координаторка на ООН и УНДП, Луиза Винтон.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира