Игор Спасов, осуден на 14 години затвор за убиство на Мартин Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2011 година, со судска одлука има привремен прекин на казната до 6 август поради здравствени проблеми, за кои не можел да се лекува во затворот „Идризово“.
„Ова не е намалување на казната на Спасов, туку прекин за да се лекува. Точно не ја знам дијагнозата, а и да ја знам, тоа се лични информации кои не може да се споделуваат со јавноста. Ако не се врати во затворот на 7 август, а притоа судот не ги извести Управата и затворот дека му дал евентуален дополнителен период за лекување, ќе биде распишана потерница по него“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Управата за извршување на санкциите Јовица Стојановиќ.
Стојановиќ вели дека поради проблеми со здравствената состојба, Спасов од Управата добил дозвола за прекин на казната со цел лекување надвор од установата, до 7 јули. Од седми јули Основниот суд Штип, по место на живеење, на Спасов му дозволил лекување во дополнителни месец дена, до 6 август годинава.
Случајот Нешкоски го презеде Специјалното јавно обвинителство и тој веќе беше носен на сослушување во оваа институција. Отворена е предистрага. По претепувањето до смрт на Нешкоски, во почетокот МВР на прашањата на новинарите излегуваше со тврдење дека не знае за таков случај, дека не се случило убиство на прославата на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги граѓаните да пријават ако слушнале за таков настан. Подоцна призна дека имало таков случај, но дека на момчето му се слошило и починало од природна смрт, без видливи траги на насилство.
Но, Институтот за Судска медицина објави дека „момчето починало поради крвавење во мозокот, откако примил неколку удари во главата“. Додека траела обдукцијата на Нешкоски присуствувале и претставници на МВР, иако на прес конференција истовремено Министерството тврдеше: „Таков настан воопшто не е пријавен во МВР и ако имате какви било сознанија и информации ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот.
Полицијата уште два дена не ја признаваше смртта на Мартин Нешкоски, иако и семејството Нешкоски трагаше по својот син и брат.
Сите овие наводи и дополнителната одговорност во МВР за убиството на младиот Нешкоски, сега ги истражува СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА