Започна изградбата на колекторско-канализациски систем во Потпелистерието со што Битола конечно ќе го реши проблемот со отпадните води од селата под Пелистер и од туристичките објекти. Градежните активности се одвиваат на потегот од месноста Црвени Петли кон селата Трново и Магарево, а во првата фаза ќе бидат вложени 6,8 милиони денари.
„Предвидено е колекторскиот систем да ги собира отпадните води на територијата на Националниот парк „Пелистер“, односно од хотелот „Молика“, Детското одморалиште, селата Трново и Магарево, се до поранешната живинарска фарма, каде што е предвидена пречистителна станица“, соопштија од Општина Битола.
Проблемот со отпадните води на Пелистер се провлекува со години. Сместувачките капацитети и селата во Потпелистерието немаат канализација, а септичките јами ја загадуваат животната средина и планинските водотеци. Анализите на Центарот за јавно здравје секоја година покажуваат бактериолошки неисправна вода од селските водоводи, но и од јавните чешми на Пелистер. Со овој проект ќе се даде функционална целина за започнување на пречистителен систем во Потпелистерието.
Ж. ЗДРАВКОВСКА