Новиот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека комисијата ќе направи сè што е во нивна надлежност за успешна организација на референдумот, кој треба денеска да биде распишан во Собранието.
Новите членови на ДИК денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Го гледате составот, тоа се искусни луѓе во својата работа, повеќето од нив поранешни членови на ДИК, така што сметам дека на дадената задача ќе одговориме одговорно почитувајќи ги законите и уставот. Ние како ДИК ќе направиме сè што е во наша надлежност се со цел да успее зададената задача, организирање на референдумот“, изјави Дерковски по свечената заклетва.
Утринава, координаторите на СДСМ Томислав Тунтев, на ДУИ Ејуп Алими и на Беса Фадил Зејндели, доставиле предлог до претседателот на Собранието Талат Џафери за референдумско прашање. Во предлог одлуката, која не е потпишана само од ВМРО-ДПМНЕ, е одреден и датумот на референдумот 30 септември 2018 година. Во СДСМ велат дека ако ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со предлог одлуката, тие ќе ја поднесат до Претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе бараат денеска да закаже седница.