Пред референдумот, закажан за 30 септември, претседателот на Собранието Талат Џафери нема да го објави во Службен весник Договорот со Грција за името Република Северна Македонија за севкупна употреба. Тој вели дека ќе го чека мислењето на граѓаните.
„Не е важно дали пред или после изјаснувањето на референдум ќе биде објавен Договорот со Грција. Ќе го чекаме референдумот, за да имаме соодветно мислење од граѓаните. Не треба да ги силуваме работите”, рече Џафери на денешниот брифинг во Собранието.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека истовремено ќе биде објавен и од поодамна донесениот Законот за употреба на јазиците.
„Ова и поради претседателот на Македонија. Не може указ по указ да му носиме”, рече Џафери.
Указите за прогласување на Законот за ратификација на Договорот со Грција и на Законот за употреба на јазиците не се потпишани од претседателот Ѓорге Иванов.
С. К. ДЕЛЕВСКА