За 95 деца се обезбедени услови за вонинституционално сместување, вели Министерството за труд и социјална политика. Според податоците од Министерството подобро услови за згрижување, раст и развој на децата обезбедени се во период од една година, односно од август лани се досега.
Во мали групни домови од 95-те деца кои се извадени од социјалните институции сместени се 31 дете. На посвојување дадени се 22 деца, а во згрижувачки семејства сместени се 25 деца. 17 од овие деца вратени се на биолошките семејства.
„Во процесот на деинституционализација, кој го почнавме лани, бројот на деца сместени во социјални установи намален е за 33,9 проценти. Во овој период во шест социјални установи беа згрижени вкупно 45 деца. Дел од нив се деца без родители и родителска грижа, дел се со воспитно-социјални проблеми, или со попреченост. Во овој период 11 од овие деца, кои беа сместени во институциите станаа полнолетни“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Според податоците од Министерството лани во август во социјални установи биле сместени 180 деца под 18 годишна возраст, а овој август таа бројка е 117 деца. Во Мајчин дом во Битола, каде се сместуваат новороденчиња, лани имало 79 деца, а годинава 70. Во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје лани ова време биле сместени 48 деца, а годинава 33. Во домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ лани имало 25 деца, а годинава нема ниту едно дете. Во Специјалниот завод Демир Капија лани биле згрижени 10 деца, а годинава останале само три. Во Специјалниот завод Бања Банско и лани и годинава се згрижени седум деца. Во Заводот во Топаанско поле лани биле згрижени 9 деца, а годинава 6.
Деинституционализацијата е промена на начинот на кој државата се грижи за децата и возрасните лица, кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа.
„Место досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата, кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот. Семејното опкружување го поттикнува правилниот раст и развој, дел од децата се згрижуваат во семејства, други се посвојуваат, или се дава поддршка на биолошкото семејство да обезбеди подобра грижа за своето дете. За дел од децата, пак се создава средина налик на семејната, како што се малите групни домови“, велат од Министерството за труд и социјална политика.