ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ОД КАРПАЛАК СЀ УШТЕ НЕМААТ ДОСТОИНСТВЕНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕ

    ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ОД КАРПАЛАК СЀ УШТЕ НЕМААТ ДОСТОИНСТВЕНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕИ овојпат, како и во изминативе години од претставниците на Владата на РМ беше најавено дека ќе се изгради спомен-обележје на загинатите бранители. - Од денешното одбележување (Фото: СДК.МК)

    Во месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје денеска беше одбележа 17-годишнината од убиството на десеттемина припадници на АРМ кои во конвој се движеа кон Тетово кон своите воени позиции. Во најтесниот дел од патот кон Тетово, припадници на ОНА поставија заседа и го ракетираа конвојот на АРМ со рачни фрлачи. Еден проектил го погоди автобусот кој беше полн со војници, а благодарение на возачот на автобусот Ацо Јовановски – Реган, кој со невидена храброст и пожртвуваност успеа запалениот автобус да го извлече од заседата, беа спасени животите на останатите бранители.

    Седумнаесет години потоа роднините пријателите, бранителите и граѓаните на Тетово и Прилеп уште еднаш со огромна жалост се потсетија на овој трагичен настан.

    „Тоа беше страшен ден за нашата понова историја, како за семејствата, така и за нас бранителите и сите граѓани на Република Македонија. Секој од нас можеше да биде на нивното место. Немаме право да изгубиме волја да ги чествуваме и евоцираме спомените за нив, бидејќи тоа е најмалку што ние можеме да го направиме за нив после сè. Секој злочин е вечен, не може да се оправда, можеби политиката некогаш има потреба тоа да го направи, но ние бралителите немаме право на тоа. Немаме право да ги осудиме оние кои го направија тоа, затоа што имеле цел, но имаме обврска секогаш да ги осудуваме оние кои ги амнестирале за нивниот злочин“, рече Марин Најдов од Здружението на Бранителите во говорот што го одржа пред спомен плочата на која се напишани имињата на десетмината загинати бранители.

    Во нападот на армискиот конвој загинаа десет бранители од Прилеп но нивниот број можеше да биде и многу поголем да не беше херојскиот подвиг на возачот на автобусот Ацо Јованоски – Реган кој, иако целиот автобус бил во пламен, успеал да го извлече од местото на нападот и така да ги спаси преостанатите бранители кои биле во него. Тој и овој пат апелира до Владата конечно да се осмели и да изгради спомен обележје на ова место каде се случил злочинот.

    „Тој настан исто ми е во свеста како денеска да се случил. Секоја година се случува истото на овој ден. Секоја година и нашето барање е исто. Дали некој од политичките фактори, од Владата, Претседателот, ќе се реши на ова место да подигне достоинствен споменик каде ќе може да положуваме цвеќе кога ќе го одбележуваме овој трагичен настан, а не да го положуваме на самата банкина од автопатот а возилата кои проаѓаат да го разнесуваат. Овие бранители заслужуваат и многу повеќе. Ние граѓаните на Прилеп а и на Македонија сме горди што ги имавме зошто тие во 2001 година го дадоа најскапото што го имаа бранејќи го интегритетот на Република Македонија“, изјави Ацо Јованоски – Реган.

    И овојпат, како и во изминативе години од претставниците на Владата на РМ беше најавено дека на ова место ќе се изгради спомен-обележје на загинатите бранители.

    „За Карпалак има неколку споменици на различни позиции а централниот споменик за лицата кои загинаа на Карпалак се наоѓа во центарот на Прилеп. За ова место овде, доколку постои иницијатива, Владата ќе ја разгледа и доколку истата е издржана, ќе излезе во пресрет“, изјави Стојанче Ангелов советник во Владата на РМ.

    На денешното одбележување на годишнината од масакрот кај Карпалак венци свежо цвеќе положија претставници од Собранието на Република Македонија, на Владата на РМ, Претседателот на РМ, претставници од АРМ, политички партии и здруженија и роднините на десетмината загинати бранители од Прилеп.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира