Портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиу вели дека годинава авионите со кои се прска против комарци не бучат како претходните и поради тоа луѓето се збунети и мислат дека не се прска. Според Салиу, процедурите и користеното средство се исти како и претходно, а досега се спроведени две фази од вкупно пет.
„Процедурите и користеното средство се тие истите како и до сега. Новитет ова година се авионите кои не бучат како тие претходните, и претпоставувам дека тука е и збунката зошто луѓето мислат дека не се прска“, напиша Салиу на Фејсбук по бројните реакции на социјалните мрежи деновиве дека има наезда на комарци.
Од Град Скопје пред малку соопштија дека утре почнува третата фаза од авионската и терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
„Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива од 10.08.2018 (петок) и ќе трае 4 дена, односно до 13.08.2018 (понеделник), во раните утрински часови. Терестричната дезинсекција, на подрачјето на Град Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива во деновите од 13.08.2018 до 17.08.2018 (од понеделник до петок), во период од 23 до 04 часот, наредниот ден“, се вели во соопштението.