Стотина Јуруци кои живеат во Општините Карбинци, Штип, Радовиш и Струмица присуствуваа на првиот Јуручки фестивал што викендов се одржа во селото Карбинци. Средбата имаше културен карактер со фолк настапи на неколку играорни групи кои ги негуваат јуручките песни, ора и традиции.
„Ние сме задоволни што на првата јуручка средба присуствуваа и голем број Македонци, Турци и други етнички заедници кои живеат во четирите општини. Сакаме да покажеме дека имаме свој фолклор, носии и традиции. Во штипскиот и радовишкиот дел на Плачковица има 15 села во кои живеат над 5.000 Јуруци и Турци. Едните од другите се разликуваат по тоа што Јуруците се дојдени од турската областа Коње карама. Тие биле измеќари и се занимавале претежно со сточарство. Денес, Јуруците само во Карбинци произведуваат над 15 тони овчо и кравјо млеко кое се откупува од производителите“ вели претседателот на Здружението на Јуруците во Македонија, Смаил Јакуп.
Тој се надева дека вгодина, вториот фестивал ќе биде многу помасовен и ќе биде од отворен тип со учество на повеќе фолклорни ансамбли. Како и оваа година и вгодина, Јуручката средба ќе биде збогатена со спортски натпревари во трчање и пеливанско борење за што наградата за победникот е традиционална, коч од 100 килограми во вредност од 200 евра.
Т. ЈОВАНОВСКИ