ХЕРОЈ НЕВЗАТ

Кајчарите во Охрид интензивно работат на изградба на флота разурнувач со кои преку Вардар ќе ја нападнеме Грција

    ХЕРОЈ НЕВЗАТНасловната страница на збирката колумни од 1991 до 1995 објавени во весникот „Вечер“

    1. “Како? Не чујем вас добро… Биќе и хапшења… То вам гарантујем…”
    Ехото од говорот на Слободан Милошевиќ со кој го најави апсењето на Азем Власи, по неколку години задоцнување пристигна во Скопје. Навистина, никој не најави дека ќе го апси лидерот на ПДП Невзат Халили, ама општинскиот суд за прекршоци од Тетово го употреби рецептот на Милошевиќ за одмазда заради бојкотот на рефендумот. Шеесет дена затвор, затоа што Халили со неговото семејство одбил да даде податоци за пописот. Иако на државата ќе ѝ беше многу поприфатливо да му одмереше парична казна. Вака уште ќе мора и бесплатно да го храни. Настрана што од човекот ќе направи херој, иако тоа тој најмалку го заслужува. Освен ако не сака навистина да ги одоброволи комитите што пред некоја вечер распалено викаа: “Кај сте сега Шиптари?”, па да им ги извади Албанците на улица на протест поради затворањето на маченикот од село Порој. Потоа настапува армијата како арбитер во меѓунационалите судири. И потоа се случува Косово, или не дај боже Хрватска.
    Искрено кажано, неизлегувањето на Албанците на референдумот за само­стојна Македонија го доживеав исто како кога пријателот ќе ти  го сврти грбот тогаш кога ти е најтешко и кога ти е најмногу потребен. Потоа ми помина лути­ната, бидејќи видов дека самите Албанци дозволуваат нивните партиски лидери да ги третираат како необразована маса, неспособна да мисли со своја глава, употреблива само како гласачка машина. Конечно и референдумот си го толкував како бегство од освојувачката политика на Слободан Милошевиќ, па си размислу­вав штом тие не ја признаваат оваа држава, зошто наместо да ги бараат своите права кај Киро Глигоров не отпатуваат на прием кај Слободан Милошевиќ.
    И таман да го дочекам моментот кога Невзат Халили ќе го видам заедно со Ибрахим Ругова на иста маса со Милошевиќ, во Македонија профункционира правната држава. За нејзината ефикасност сведочат размислувањата на првиот републички правник, министерот за правосудство Ѓорѓи Наумов, изречени во расправата по нацртот на Уставот. Покрај неговата оригинална идеја во Уставот да се нацртаат границите на Македонија, уште поинтересна е идејата македонската држава да се дефинира како сопственост на македонскиот народ. Во тој случај, тој би бил сопственик на Халили, па би можел за евтини пари да им го продаде на Србите на превоспитување, наместо да го храни два месеца во тетовскиот затвор.

    2. Трошоците за издржување на Халили не мора да паднат на товар на македонската држава. Според логиката на белградскиот печат: “Куманово останува во Југославија!”, затоа што на референдумот не излегол потребниот број гласачи, најголема можност да остане во Југославија има Тетово, заедно со општинскиот затвор. Таму бројот на гласачите беше уште помал. Според истата логика и некои месни заедници каде што компактно живее албанско или српско население си остануваат во Југославија. Истото може да се случи и со одделни згради, чиишто куќни совети можат да си прогласат спрски автономни области и да се отцепат од Македонија. Сé во рамките на начелото за правото на народот за самоопределување.
    Кога една Германија се тресе од демонстрантите кои пред нејзината амбасада во Белград ѝ порачуваат: “Волјата на српскиот народ мораат сите да ја почиту­ваат”, што остана за Македонија. Особено што Здружението на Србите и Црно­гор­ците од Косово се заканува: “ако Македонија сака фронт – тогаш ќе го има!”
    Како ќе се развиваат борбите на фронтот меѓу две завојувани згради, сега е тешко да се предвиди. Веројатно ќе се почне со ноќно крадење на бензин од непријателските автомобили паркирани на заедничкиот паркинг. Југословенските домаќинки ќе ги прекинат дипломатските односи со македонските домаќинки и ќе престанат заедно да пијат кафе и да си гледаат на шолја. Недовербата меѓу двете страни ќе се зголемува бидејќи и едните и другите нема да раскажуваат трачеви за сосетките. Накрај сето тоа ќе се претвори во судир со несогледливи после­дици, кога ќе почнат меѓусебно да си ги валкаат спрострените алишта за сушење.

    3. Додека траат судирите меѓу куќните совети, Грција може мирно да спие. Затоа што нема да имаме време да работиме на проектот “Вардарски слив”. Весникот “То вима” пишува дека: “… вардарската долина поради својата широчина е погодна за транспорт на оклопни единици и поволна за вооружена закана или напад на Грција”.
    Сиротите тие, не знаат дека ние покрај оклопните возила веќе создаваме и воена морнарица. Кајчарите во Охрид веќе деноноќно работат на изградба на флотата разурнувачи со која за почеток ќе го бомбардираме Солун. А “Макпет­рол-Темко” ги усовршува градобијните ракети и ги приспособува во далекометни проектили, со ласерско водење, со чија помош ќе го гаѓаме грчкиот парламент среде Атина. Само тоа го држиме во најстрога тајност, така што дури ни агилните и добро известени новинари на “Политика” не ги имаат откриено злосторничките намери на агресивната “скопска република”.

    4. Како и би можеле да откријат, кога беа зафатени со следење на приредбата на скопскиот плоштад, на која ги откриваа диригентските способности на преми­ерот Никола Кљусев. Самостојноста на Македонија не беше крунисана само со промоција на новото македонско шампањско, туку и со нов начин на пеење на химната “Денес над Македонија”, под диригентска палка на премиерот.
    Додека претседателот на Владата му диригираше на народот, а неговата десна рака Блаже Ристевски го подбуцнуваше да ги спушти рацете и да ги пушти луѓето да пеат како што сакаат, министерот за информирање Мартин Треневски ја претстави новата модна колекција за сезоната есен-зима: референдумска памучна маичка со куси ракави, над свечената бела кошула и свилена вратоврска. Истата вечер, на Третиот Илинден, со својата појава брилираше и првиот келнер на самостојна и суверена Македонија – градоначалникот на Скопје Миле Струја со манир на француски угостител ги делеше чашите со шампањското.
    На здравје!

    Книги

    Архива

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира