ДА БЕШЕ ВО ГЕРМАНИЈА БАЊАТА СТРНОВАЦ ЌЕ ЈА НАПРАВЕА РАЈ, КАЈ НАС НЕ БАРААТ НИ КОНЦЕСИОНЕР, ВЕЛАТ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ

    ДА БЕШЕ ВО ГЕРМАНИЈА БАЊАТА СТРНОВАЦ ЌЕ ЈА НАПРАВЕА РАЈ, КАЈ НАС НЕ БАРААТ НИ КОНЦЕСИОНЕР, ВЕЛАТ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕБањата Стрновац се наоѓа на 15 километри од Куманово, покрај самото корито на река Пчиња, во бујна вегетација и недопрена природа, но освен два импровизирани базенa и исти такви угостителски објекти други содржини нема (Фото: СДК.МК)

    Термоминералната вода во бањата Стрновaц, Oпштина Старо Нагоричане, никако да добие концесионер, иако со децении се ветува дека овој природен извор ќе се искористи за развој на бањскиот туризам во регионот. Температурата на водата е 39,5 степени Целзиусови, а лекува ревматски и кожни заболувања.

    Бањата Стрновац се наоѓа на 15 километри од Куманово, покрај самото корито на река Пчиња, во бујна вегетација и недопрена природа, но освен два импровизирани базенa и исти такви угостителски објекти други содржини нема. Граѓаните реагираат што мора да се капат во вир на своја рака, наместо во модерно бањско лекувалиште под лекарска контрола.

    Температурата на водата е 39,5 степени Целзиусови, а лекува ревматски и кожни заболувања (Фото: СДК.МК)

    „Да беше ова во Словенија или Германија, рај на земјата ќе напрвеа. Пари и пари ќе заработеше државата. Нашите не ги бива ни да најдат некој да ја стопанисува. Во нашата земја ништо не се цени, затоа дојдовме до тука. И овој базен ќе го немаше да не го направеше еден гастрабајтер од Цветишинце, кој бил задоволен од лековитоста на водата“, вели еден пензионер кој беше во базенот со сопругата, а и самиот е повратник од странство.

    Од Министерството за економија велат дека концесија за експлоатација на термоминерална вода на локалитетот Стрновец сè уште не е доделена бидејќи немало заинтересирани, иако овој локалитет во изминатите години неколку пати бил понуден на јавен повик за доделување концесија за експлоатација.

    „Во моментов, во Министерството за економија се води постапка за прибавување мислења од сите надлежни институции за повторно објавување јавен повик за доделување концесија за експлоатација на термоминерална вода на овој локалитет“, велат од Министерството за економија.

    Ненад Јакимовски, директор на ЈКП „Козјак“ од Старо Нагоричане, вели дека со сопствени средства ја оспособиле бањата за користење (Фото: СДК.МК)

    На последниот повик во 2016 беше најавена и урбанизација на 5 хектари земјиште, кое ќе се продава по едно евро почетна цена за изградба на хотели, спа и велнес центри, но сè остана на ветување.

    И додека се најде концесионер, Општина Старо Нагоричане во која се наоѓа изворот, сама инвестираше во уредување на базените за да има минимални услови за посетителите кои доаѓаат во голем број. За услугата наплаќа симболични 50 денари за капачите од другите општини, додека за мештаните капењето е бесплатно.

    „Со сопствени средства ги реновиравме базените, поставивме бетонски столбови и ограда од жица, ги искречивме просториите, направивме две соблекувални. Поставивме настрешница за заштита од атмосферските влијанија. Секојдневно ја испуштаме водата и ги чистиме базените од наслагите што се нафаќаат. Бањата работи 24 часа и има постојано вработено лице кое се грижи за редот и безбедноста на капачите“, вели Ненад Јакимовски, директор на ЈКП „Козјак“ од Старо Нагоричане.

    Благодатите на лековитата вода ја користат од 200 до 300 посетители дневно, најмногу ги има за викенд и во вечерните часови. Најбројни се кумановци, но и од околните општини во Североисточниот Регион и од јужна Србија. Некои од граѓаните кампуваат во околната шумичка, други доаѓаат со автомобили и се враќаат откако ќе направат бања, а има доста и викендички во селото.

    „Јас сум од Крива Паланка, доаѓам 10 години по ред и си ја знам мерката, половина час седам во водата. Јас имам проблем со коските, а посебно помага кај отворените рани, ги обновува клетките. Гледајте, сабајлево овде на раката имав рана, а сега е само лузна“,  ни покажува еден од десетината капачи кои ги затековме во базенот.

    На прашањето дали на бања доаѓаат во консултација со лекар, сите беа едногласни дека се тука на своја рака.

    „Овде доктор ти е организамот. Ако ти годи бањата веднаш се чувствуваш подобро и водата те опушта, ако не при прво влегување ќе се онесвестиш или ќе ти се слоши и нема што повеќе да бараш тука“, вели друг капач од Белград, кој вели дека редовно доаѓа во бањата додека престојува со своето семејство во Куманово.

    Посетителите кажуваат дека оваа година бањата е посредена во однос на минатата, кога немало организирано одржување од општината, но сепак апелираат до државата да го искористи природниот потенцијал како што доликува.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира