Дваесетина луѓе загинаа во уривањето на 100 метри високиот мост Моранди во близина на Џенова, што се наоѓа на главниот автопат што ги поврзува Италија и Франција.
Пожарникарката Амалија Тедески изјави за телевизијата РАИ дека околу 20 возила биле на мостот во моментот на уривањето, што се случи пред пладнето среде големо невреме.
„Остатоците од мостот паднаа во индустриска зона“, изјави таа.
Италијанскиот министер за транспорт Данило Тонинели изјави дека станува збор за неописива трагедија, додека неговиот заменик Едоардо Ричи потврди дека има најмалку 22 загинати, очекувајќи оваа бројка да расте.
Шефот на локалниот амбулантен сервис претходно изјави дека може да има десетици мртви.
Околу 200 метри од мостот се урнаа во неговиот средишен дел, заробувајќи автомобили и камиони под огромните блокови бетон.
Мостот, кој поминува над трговски центар, фабрики, стамбени згради и железничка пруга, бил изграден во 60-ите години од минатиот век и обновен во 2016 година.