ВО АМЕРИКА И КАНАДА ПРОБЛЕМ Е ШТО НЕМААТ ПАСОШИ НАШИВЕ, СЕ СЛУША ВО БОМБИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“

    ВО АМЕРИКА И КАНАДА ПРОБЛЕМ Е ШТО НЕМААТ ПАСОШИ НАШИВЕ, СЕ СЛУША ВО БОМБИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“Во педесетината разговори кои досега беа пуштени во судницата, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Миле Јанакиески ги договараат и листите на кандидати и активностите во предизборната кампања. - Обвинетите Гордана Јанкулоска, Никола Груевски, Мартин Протуѓер и Миле Јанакиески (Фото: К. Попов)

    На судењето за предметот на СЈО „Титаник“ во Основниот суд Скопје 1 продолжува објавувањето на прислушувани разговори како доказен материјал.

    Проблем во дијаспората е што нашиве немаат пасоши, му вели Влатко Мијалков на Кирил Божиновски, известувајќи го дека завршиле добра работа и дека успеале да запишат за пет дена 2.036 гласачи во Америка и Канада.

    „Се вративме. Австралија е слаба, Европа е јака. Во Америка и Канада проблем е што немаат пасоши нашиве и не можат да гласаат. Друга работа, Атанас го знаеш, сакаше кај мене да даде, но јас му реков дирекно кај тебе. Тоа ќе биде нешто поситно, но ќе заврши работа. Знаеш, ние ги изместивме критериумите. Не многу, но солидно е“, му вели Мијалков на Божиновски, по што тој вели дека тоа е одлично и во наредните денови ќе договори средба со него.

    Во педесетината разговори кои досега беа пуштени во судницата, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески ги договараат и листите на кандидати и активностите во предизборната кампања.

    „За ова на терен кога ќе одиме општинските, имаат пари? Знаеш, јас нешто ќе покријам, ама кога ќе се седне на кафе, на средби со граѓаниве треба тоа да се плати“, му вели Јанкуловска на Протоѓер, на што тој ѝ одговара дека еднаш се дадени пари, а ќе добијат уште еднаш.

    „Друго да ти кажам, една циганка ми вика: ‘Дајте паричка, па кај сакате и како сакате ќе го сликам Самка’. Па Амди нека даде. Знаеш, убаво е да си имаме слика, па ќе видиме дали ќе ја искористиме“, го информира Јанкуловска Протоѓер.

    Во „Титаник“, обвинети од СЈО се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира