Група на главно постари Јужнокорејци преминаа денеска во Северна Кореја, за да се обединат со членови на своите семејства, со кои немале никаков контакт уште од избивањето на Корејската војна пред 68 години.
Ова е прва ваква средба од 2015 година и таа беше договорена со декларацијата од Панмунџон, што ја потпишаа лидерите на двете Кореи, Мун Џае-Ин и Ким Џонг-Ун, на нивната историска средба, одржана оваа година.
Повеќе од 57.000 луѓе се надеваа дека ќе земат учество во обединувањата, но во прв момент биле избрани само 93 семејства. Повеќе од 60% од оние кои бараат обединување имаат над 80 години и тие сега тргнаа заедно со своите деца и други роднини. На нив им било советувано да избегнуваат разговори на чувствителни теми.
Ли Кеум-Сеом, која се подготвуваше да си го види синот за првпат откако тој имал четири години, вели дека цело време се молела тој да има долг живот, за да можат некогаш повторно да се видат. Ли сега има 92 години, а нејзиниот син – 72.
„Моето семејство во Северна Кореја не живееше долго, па затоа се молев за здравјето на мојот син“, кажа Ли, додавајќи дека е многу нервозна, бидејќи не знае како да почне разговор со него.
Парк Кјунг-Сео, претседателот на Црвениот крст на Јужна Кореја, вели дека ова е голема човечка трагедија.
„Многу луѓе го чекаа оваа, а само малкумина беа избрани. Замислете 73 години ништо да не знаете за своето семејство, дури ни дали се живи. Тоа е незамислива човечка трагедија“, кажа Парк.