Загрозениот сведок, кој преку камера од друга просторија се сослушува денеска во Основниот суд Скопје 1 за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во 2012 година во случајот „Монструм“ на СЈО, со модифициран глас препозна тројца од вкупно 4 присутни обвинети. Сведокот рече дека од 30 сантиметри до 30 метри далечина, во неколку наврати, секој ден пред да се случат убистватат ги гледал на местото Фејзи Аџири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута, кои денес директно ги опиша и ги посочи во судницата. Лицето со брада што го гледал исто така, не е овде, рече сведокот.
Во бегство се Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, за кои обвинителката Фатиме Фетаи го праша судот до каде е екстрадицијата од Косово. Судијата Огнен Ставрев, единствениот кој го знае идентитетот на загрозениот сведок, рече дека процедурата е во тек, се чека одговор од косовското Министерство за правда.
Сведокот тврди дека ги видел на местото и на 12 април 2012, еден час пред убиството, истите овие луѓе што ги гледал секој ден, претходните 3-4 дена.
Поради замор на загрозениот сведок, сослушувањето се прекина. Продолжува в петок, 24 август.
Ов е првпат за ова судење на јавноста да и се дозволи да присуствува на сослушување на загрозен сведок во судница.
На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.
За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.
С. К. ДЕЛЕВСКА